Тереза Меј го осуди начинот на наградување на „ѕвездите“ на Би-Би- Си

од desk2

Британската премиерка Тереза Меј денеска остро ја осуди објавената листа на наградување на вработените во Би-Би-Си, а посебно нееднаквоста и големите разлики во платите меѓу мажите и жените.

Меј побара од менаџментот на оваа јавна медиумска компанија да ги „исправи состојбите“ и да овозможи еднаквост во наградувањето. Само две жени се наоѓаат на листата на десетте најдобро платени водители, презентери и водечки новинари, додека две третини од 96-те „ѕвезди“ на компанијата, кои годишно имаат плата од над 150 илјади фунти, се мажи.

Најдобро платен во Би-Би-Си е Крис Еванс, со годишни примања од 2,2 милиони фунти, додека најдобро платената водителка има плата од 450 илјади фунти годишно. Вториот на листата од десете најнаградени е поранешниот англиски фудбалер Гери Линекер, кој од компанијата годишнио добива по 1,8 милиони фунти, додека позната и долгогодишна презентерка на вести, 150 илјади, што е разлика поголема од десет пати.

Меј се заложи за тоа мажите и жените да бидат подеднакво платени и вреднувани. Барањето на премиерката до Би-Би-Си за менување на сегашната пракса и упатените критики, сепак, не се однесуваат само на оваа компанија, затоа што во британското општество и натаму е присутно нееднаквото третирање на машкиот и на женскиот труд, па вакви разлики има и во бизнисот, како и во секторот на финансиите и банкарството.

Појавувањето на списокот со плати во Би-Би-Си предзвика бурна реакција во британската јавност, а весниците остро го осудија тоа што, стоте најдобро платени во компанијата имаат поголеми плати од премиерот на Велика Британија и посебно големата разлика во наградувањето меѓу мажите и жените. Весниците најавуваат „бунт“ во компанијата на незадоволниците, додека „Тајмс“ открива дека најдобро платените „ѕвезди“ веќе биле известени дека ќе мора да прифатат „извесно скратување“ на своите сега високи примања.

Првиот на списокот, Еванс, кој е поранешен ди-џеј на утринската програма на Радио 2 на Би- Би-Си, а подоцна и на телевизиската емисија „Топ Геар“, за еден лондонски весник изјави дека сегашниот систем на наградување „е навистина не фер“. Листата со примања во оваа јавна компанија ја осуди и лидерот на опозицијата Џереми Корбин, кој рече дека доколку тој стане премиер, веднаш ќе се определи лимит од 400 илјади фунти за највисоко платениот.

Слични содржини