Терористите во Куманово влегле „да одржат прес за неимплементирањето на Рамковниот“

од desk2

Политичките проблеми на Албанците и неимплементирањето на Охридскиот рамковен договор била причината поради која кумановската вооружена група дошла во Македонија и во Диво насеље, рече на денешното рочиште првообвинетиот за настаните од 9 и 10 мај 2015 година, Сами Укшини.

На прашање Обвинителството, како групата планирала да помогне во имплементирањето на договорот, Укшини рече дека како што му било кажано од водачите на групата, Мирсад Ндрецај и Бег Ризај (убиени за време на настаните во Диво насеље н.з.) намерата била, да ги повикаат новинарите, односно да свикаат прес-конференција, на која јавно ќе кажат дека ако не се реализира Рамковниот договор работите во Македонија ќе се вратат во 2001 година.

А зошто не ја свикале прес-конференцијата, Укшини рече дека тоа зависело од Ризај и Ндрецај како организатори на групата.

Според неговиот исказ групата, во Македонија од Косово влегла, ноќта меѓу 1 и 2 мај 2015 година, а на 3 дошле во Куманово, односно во населбата Диво насеље, каде што Ризај и Ндрецај му рекле дека ќе останат до 19 мај, но, како што рече Укшини, не му кажале зошто. Тој рече дека Ндрецај и Ризај делувале многу сигурни во она што го прават и не ги послушале неговите совети дека треба да се движат, а не да останат во Куманово, бидејќи се изложуваат на опасност.

На прашањето дали групата имале поддршка од некои политички партии во Македонија, тој рече дека не знае, бидејќи не бил организатор на групата.

Тој пред судот рече да бил тој организатор на групата, работите можело да излезат на полошо или на подобро. Прашан што значи на полошо, тој одговори дека во случај кога 900 полицијаци напаѓаат група од 32 лица, тој да бил командант во Диво насеље бројот на загинати немало да биде 18 туку 200 луѓе.

Со денешниот исказ на Укшини, почна сослушувањето на обвинитите во случајот „Диво насеље“, кои се вкупно 37./Мета

Слични содржини