Изминативе неколку месеци сме сведоци на огромна солидарност и хуманост која ја покажаа македонските граѓани кон бегалците кои ги напуштиле своите домови. Навистина е тешко она што се случува на граничните премини, но Македонија е многу повеќе од бруталноста на полицијата. Ова го изјави активистката Мерсиха Смаиловиќ на денешниот собир за солидарност со бегалците.

Begaltsi

– Според мене бегалците се благослов, затоа што успеаја да направат нешто што ниту еден друг проект не направи. Не сплотија заедно, не обединија во иста цел да помогнеме и да бидеме хумани. Живееме на трусно подрачје и никогаш не можеме да бидеме сигурни дека сме безбедни, затоа и треба да помагаме затоа што било кој од нас може да се најде во слична или полоша ситуација од овие луѓе кои секојдневно минуваат низ нашата држава. Морам да кажам дека во текот на оваа година како им помагам на бегалците запознав многу прекрасни и инспиративни луѓе. Можам да кажам дека велешанката Ленче Здравкин ни го обели образот на сите. Верувам дека секој бегалец кој поминал пред нејзиниот двор ќе носи со себе позитивен спомен за Македонија – рече Смаиловиќ.

11994355_10206186638538132_1540391185_n

Пред граѓаните зборуваше и Габриела Андреевска која раскажа за неколку ситуации кои ќе ги памети цел живот.

– Многу често луѓето не прашуваат нас волонтерите зошто помагаме, на тоа можам само да кажам дека сум човек и дека бегалците се луѓе. Треба секој да најде солидарност во себе и да помогне колку што може – изјави Андреевска.

11998562_10206186638378128_267972067_n

Здравко Савески од „Солидарност“ порача дека бегалците се добредојдени и дека сакаат од овој настан да испратат порака против ксенофобијата како и против градењето ограда на граничниот премин.

Суад Мисини кој пред неколку месеци штрајкуваше со глад барајќи да се реши проблемот со бегалците во прифатниот центар во Гази Баба рече дека правото да се биде човек денес може да биде одземено.

– Солидарност, емпатија и толеранција, тоа е она што не прави луѓе. Тоа е она што овие коишто уживаат во своите крвави пари не сакаат да го сфатат и наводно спроведуваат политики и закони кои се наши и мора да ги спроведат – рече Мисини.

Собирот по повод Европскиот ден на бегалците се одржа на плоштадот Македонија, а присуствуваа неколку десетици граѓани. Некои од нив донесоа донации кои подоцна ќе им бидат поделени на бегалците.

Организатор на настанот беше левичарското движење „Солидарност“.

На собирот се делеа летоци на кои пишуваше „Бегалци добродојдовте“, „Заштитете ги луѓето не границите“. „Границите се нелегални, не луѓето и движењето“ и „Престани да етикетираш“.

Организаторите апелираа кој може да донира чадор, храна, мантили за на дожд и обувки кои во есенскиот и зимскиот период најмногу ќе им бидат потребни на граѓаните.

МЕТА

Слични содржини