Tesla привремено го запре производството на Model 3

од desk2

Американската компанија за електрични автомобили Tesla објави дека привремено ќе го запре производството на нивниот најпопуларен автомобил, Model 3, иако тие од поодамна заостануваат со неговото производство.

Според извор од компанијата, паузата се прави токму поради проблемите со бавното производство на овој модел, со надеж дека во периодот кој следи ќе се отстранат сите проблеми кои го забавуваат процесот на произведување на Model 3.

Од компанијата вчера соопштија дека во наредните неколку дена, најдолго до крајот на неделата, повторно ќе биде пуштен погонот за производство. Во следните денови треба да бидат отстранети проблемите со механичкиот дел од производствениот погон и процесот на изработка на Model 3 ќе тече многу побрзо, најавуваат од Tesla.

„Привремено ќе биде запрено производството во нашите фабрики во Фримонт и Gigafactory 1, но ова не треба да ве изненадува бидејќи ние имаме планирано периоди за пауза во работата на фабриките, со цел да се отстрануваат технички и механички грешки. Ова не е нешто невообичаено, туку нормален дел од работата на секоја фабрика“, стоеше во соопштението на Tesla.

Tesla стигна до бројката од 2.000 произведени автомобили Model 3 во март, но тоа сепак не беше доволно за да ја исполнат целта од 2.500 произведени автомобили неделно, која беше зададена на почетокот на оваа година. Сепак, од Tesla не се откажуваат од крајната цел – производство на 5.000 автомобили неделно до крајот на првата половина на 2018 година.

Слични содржини