Тевдовски: Најновата еврообврзница е со досега најниска каматна стапка

од desk4

Парите од еврообврзницата со која Македoнија на странскиот пазар се задолжи за половина милијарда евра, ќе бидат потрошени за покривање на буџетскиот дефицит, враќање на стари долгови, реализација на капитaлни инвестиции, зголемување на средствата за одбраната и за зголемени плати во образованието и здравството, информираше денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.

Според него, историски најниската каматна стапка од 2,75 проценти за еврообврзницата е показател дека на меѓународниот финансиски пазар и меѓу инвеститорите постои доверба во перспективите на маедонската економија и стабилноста на земјата.

Просечната каматна стапка на претходните еврообврзници изнесуваше 5,34 проценти.

– Парите од оваа евробврзница нема да се трошат за непродуктивни работи, споменици и фасади. Дел од овие пари ќе се потрошат и за покривање  стари долгови по овие ставки. Во буџетот којшто е изгласан од Собранието е проектирано за кои капитални инвестиции ќе бидат потрошени парите – нагласи министерот за финансии.

Тој додаде дека првпат во историјата каматната стапка на еврооврзницата е пониска од проектираниот пораст на економијата – 3,2 проценти.

Со парите од овaа еврообврзница на крајот на јануари ќе се вратат 95 милиони евра од обврзницатa која доспева во 2020 година и која е во вкупен износ од 270 милиони евра. Со ова како што рече Тевдовски, се прави откуп на една третина од тој долг.

Тевдовски појасни дека со тоа што предвреме се исплаќа тој долг, ќе се намали ризикот од  рефинансирање.

На новинарско прашање во однос на транспаретноста на целата постапка за задолжување со еврообврзницата, министерот за финансии рече дека и при претставувањето на буџетот во Собранието на Република Македонија најавил дека дефицитот ќе се финансира од позајмување од домашниот или од странските пазари, но под услов каматните стапки да се поволни.

Одлуката за новото задолжување била објавена во Службен весник, но не е најавено на прес-конференција оти ако било соопштино дека се планира издавање на еврообврзница, тоа би можело да ја крене цената, бидејќи станува збор за ценовно чувствителна информација, порача министерот за финансии на денешната конференција за медиумите посветена на најновото задолжување.

– Со тоа што излеговме на меѓународен пазар, средствата на домашните банки ги оставивме слободни и може да се употребат за финансирање во домашната економија – дополни Тевдовски.

Слични содржини