Тевдовски: Обвинувањата за големи задолжувања се манипулација

од desk2

На третиот ден на расправата за ребалансот на буџетот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека со овој буџет ќе има ново задолжување, нема да се заврши ниту еден проект и дека ќе се зголеми буџетскиот дефицит.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, ребалансот на буџетот ги признава успешните политики на претходната влада и здраво поставените економски фундаменти.

– На глас ја критикувавте несразмерноста на буџетот од три милијарди евра, а со новиот ребаланс имате минимално намалување на буџетот од 1,5 отсто, односно висината на буџетот ја задржавте. Преку буџетскиот дефицит велевте дека минатата влада била недомаќинска, трошела непродуктивно, а вие со ребалансот дефицитот го здржувате на исто ниво од 302 милиони евра. Зошто, кога кратите на капитални инвестиции, не го намалите буџетскиот дефицит – праша Мукоски.

Тој додаде дека со вака поставените макроекономски показатели, буџетскиот дефицит ќе се зголеми на 3,5 проценти, а тоа значи и зголемување на задолжувањето, при што ќе мора да се повлече капитал од домашниот пазар и преку издавање на нова еврообврзница.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, одговори дека се неточни бројките околку задолжувањето.

– Во јуни и во јули нето-задолжувањето беше 1,8 милијарди денари на домашниот пазар. Кон странство беше вратен долг од 81,9 милиони евра. Ако некој треба да врати нечиј кредит од сума од 500 денари и денеска за тој кредит земе нов кредит од 550 денари, дополнителното нето-задолжување е 50 денари. Не правете манипулации со бројките – одговори Тевдовски.

Тој рече дека има потреба од задолжување бидејќи во јануари 2018 година треба да се врати стар кредит од 90 милиони евра, а во 2020-2021 година треба да се вратат една милијарда евра, што, според Тевдовски, е двегодишна плата за цела администрација.

Пратениците на опозицијата обвинија дека со ребалансот нема поголеми плати, пензии, субвенции и нема поголем стандард на граѓаните, а на сметка на тоа има изградба на кампови за мигранти.

– Ребалансот на буџетот е чист популизам за да се вдомат партиските кадри за на 15 октомври да излезете на локални избори – обвини пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Благојче Трпковски од СДСМ рече дека ребалансот на буџетот е одраз на домаќинското работење на новата влада.

По паузата, расправата за ребалансот на буџетот ќе продолжи во 15.30 часот.

Слични содржини