Лидерот на хрватската партија ХДЗ, Томислав Карамарко, која освои најмногу пратенички места, на неделните избори во Хрватска, го отфрли предлогот на партијата Мост за формирање влада на национално единство.хрвтаска

Во кусата изјава за домашните медиуми, Карамарко рече дека не сака да биде во влада со досега владечаките социјалдемократи.

„Не сакам да сме во влада заедно со (Зоран) Милановиќ и неговата СДП„- изјави лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ).

Претходно, партијата Мост, без која не може да се формира новата влада и еден од нејзините челници, Божо Петров, излегоа со понуда до двете главни партии во Хрватска, за создавање влада на национално единство.

– Хрватска има потреба од ваква влада, доколку навистина сакаме да ги спроведеме неопходните реформи во државата, рече Петров во Загреб.

Премиерот на заминување и лидер на СДП, Зоран Милановќ, не одговори директно на понудата од Мост, но ниту ја отфрли категорично, како што тоа го направи лидерот на ХДЗ.

Милановиќ само забележа дека преговорите околу новата влада во земјата, допрва почнуваат.

На парламентарните избори, одржани во неделата, ХДЗ победи освојувајќи 59 пратенички места, пред СДП која има 56 пратеници и новосоздадената коалиција-партија Мост, која во хрватскиот Сабор ќе има 19 пратеници.

За стабилна влада е потребно мнозинство од најмалку 76 пратеници, за што ХДЗ, или СДП ќе треба да коалицираат со Мост.

Втората варијанта е ХДЗ, како партија со најмногу пратеници да формира малцинска влада, што ќе значи политичка криза во земјата, затоа што во секој момент ќе се очекува таа да биде соборена во Саборот.

Третата варијанта е она што го нуди Мост, или сугестијата од Берлин и Виена, која дојде уште веднаш по соопштувањето на изборните резултати, за формирање „голема коалиција“ меѓу двете најголеми партии.

Реакцијата на Томислав Карамарко дека не сака да биде во иста влада со Милановиќ и со СДП, значи дека ХДЗ не ја прифаќа ниту германско-австриската сугестија.

Партијата Мост меѓутоа порача дека влада на национално единство е нејзиниот „единствен услов“.

Слични содржини