Американскиот претседател од Светскиот економски форум во Давос упати покана до сите претпријатија во светот да инвестираат во САД.


„Никогаш не постоел поповолен момент за приспособување, за растеж и за инвестиции. Сега е перфектно време за отворање фабрики и инвестирање во САД“, изјави американскиот претседател во својот со нетрпение очекуван говор на Светскиот економски форум во Давос. Доналд Трамп истакна дека неговиот изборен слоган „Америка на прво место“, не значи „Америка сама“. Но, тој инсистира на праведен трговски систем и нема да ги толерира трговските практики кои се на штета на неговата земја, поради што уште еднаш ќе бидат преиспитани постоечките договори за слободна трговија.

 

Трамп се заложи за востановување нов систем на доселување во САД, оценувајќи го постојниот за „заглавен во минатото“. На земјата ѝ се потребни доселеници чиј избор ќе биде вршен врз основа на нивните способности и квалификации, истакна американскиот претседател.

Форумот во Давос, каде учествуваат преку 3 илјади претставници од цел свет од политиката, економијата и општеството, се одржува под мотото „За заедничка иднина на потресениот свет“. Проминентни говорници, како германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, индискиот премиер Нарендра Моди и канадскиот премиер Џастин Трудо, претходно ставија акцент на потребата од слободна трговија и се изјаснија во прилог на глобализацијата, индиректно позиционирајќи се контра Доналд Трамп./DW

Слични содржини