Треска на саботната вечер со „Рудиментал“, а финале со „Архангел“ на „Д-Фестивал“

од desk2

Седмото издание на „Д-Фестивал“ е во полн ек. Уште во петокот, на првиот фестивалски ден, беше одбележано со еуфорична атмосфера и една од најпосетените вечери на Фестивалот досега, а вториот ден, пак, успеа да го надмине и тоа остварување со кулминација на фестивалската атмосфера и бројот на фестивалската публика.

Вториот ден на „Д-Фестивал 2017“ го одбележаа исклучителни концертни настапи во музичката програма, а очекувано саботната треска кулминираше со настапот на британските ѕвезди „Рудиментал“, кои со својот глобално докажан диџеј сет и нивните најголеми светски хитови, на главната бина ја приредија најеуфоричната журка на Фестивалот досега.

На истата сцена, вечерта започна со жестокиот настап на македонската рок-група The Black and Vice Social Club, вистинско уживање за музичките сладокусци беше концертот на групата Terakaft, пустинските блузери кои пристигнаа на „Д-Фестивал“ со Караванот на мирот од Мали, додека пак шведската џез-електронска сензација Koop Oscar Orchestra приреди исклучително квалитетен концерт со кој го донесе совршениот летен звук под отвореното небо во Дојран.

Покрај главната бина, синоќа фестивалските посетители целосно ги исполнија и подиумите на останатите сцени, на Lake Awake со техно-журката која ја приредија диџеите на „Мозаик“, колективот сѐ до раните утрински часови, а паралелно и на Браво Дојран сцената, покрај брегот на Дојранското Езеро.

Вриеше од другарување и позитивна енергија и преку целиот ден со многу различни активности во програмата на „ПлоштАРТ“ – зоната, каде што меѓу најпосетените беа панел-дискусиите во чии рамки како говорници учествуваа и музичките ѕвезди на фестивалот, Ристо Вртев, Да Џака Накот, членовите на гостите од Мали, бендовите „Теракафт“ и Али Фарка Туре Бенд.

Во посебно магична атмосфера деновиве уживаме и во Church Stage на „Д-Фестивал“, каде што покрај музичките концерти на Александар Пешевски и Емилија Славковска, се одвиваат и филмските проекции на Патувачкото Кино на „МакеДокс“. Досега на проекциите на „МакеДокс“ на Church stage беа прикажани документарните филмови „Мојот превртен свет“ на Петра Селишкар и Бранд Ферро, „Барајќи го Шугармен“ на Малик Бенџелул, „Депонија“ (Waste Land) на Луси Вокер на 14-ти јули и „Чија е оваа песна?“ на Адела Пеева и „Во потрага по Фела“ на Алекс Гибни, вчера на 15-ти јули.

„Единствената фестивалска атмосфера, која го одбележува ’Д-Фестивал‘ оваа година, се создаде ден пред стартот на настанот со посетителите кои уште во четвртокот во огромен број го исполнија годинава распродадениот фестивалски камп, а од атмосферата која досега владее на Фестивалот и која се прелева низ целиот град Дојран, општиот впечаток е дека имаме чест да сме дел од едно извонредно позитивно доживување и уникатна атмосфера каква што досега не сме виделе кај нас. И сето тоа благодарение токму на илјадниците прекрасни посетители на ’Д-Фестивал‘, кои со своето расположение и здруженост за време на целото одвивање на Фестивалот му пркосат и на повремено дождливото време кое е апсолутно немоќно во исклучително позитивната енергија и фестивалска радост“, велат организаторите од „Пасворд продукција“.

Во тек е програмата за третиот и последен ден на годинашното издание, со музичка програма која ќе го одбележи финалето на „Д-Фестивал“ 2017 со настапите на „Архангел“, Али Фарка Туре Бенд, „Проџект ракија“, „Стринг форсес“ на главната бина, „Месечинка“, Sea + Аir, „Рап позитив“, „Каин“ и „Спектрум“ на Москито бината, „Чалгија саунд систем“ во Church стејџ и транс-журката за затворање на Фестивалот, која ќе се одвива на LakeAwake бината предводена од македонскиот најрепрезентативен прогресив-транс артист Egorythmia, придружуван од диџеите Dual Resonance, Modual, Spirit Architect и Albiorix.

Програмата во „ПлоштАРТ“ и Активниот саем на „Д-Фестивал“ 2017 е реализирана со поддршка на „Цивика мобилитас“ (Проект на Швајцарската агенција за развој и соработка – СДЦ, кој го спроведуваат НИРАС, МЦМС и СИПУ).

Слични содржини