Три пожари вчера во Крива Паланка

од Vladimir Zorba

Три пожари за само десетина часа се случиле на подрачјето на Крива Паланка вчера, информираат до Територијалната противпожарна единица, Крива Паланка.

-Околу 11 часот е примена првата дојава, за пожар во местото викано Ораовица, во село Градец, каде се изгорени околу седум хектари, ниско-деградирана шума, листопадна и иглолисна. Пожарот беше потпален над стариот кој избувна ноќта, а од ветарот се прошири, поради што повикавме екипи на ЈП Македноски шуми. Помогна и Тимот за одговор и дејствување при катастрофи на ОО Црвен крст Крива Паланка кој ни донираше помош во храна и вода на теренот, но и зема активно учество во гасење на пожарот. Благодарност до нив и раководителот на ДЗС Крива Паланка, кој помогна на терен, информира Иле Коцевски, командир на ТППЕ, Крива Паланка.

На оваа локација се изгорени вкупно 10 хектари во еден ден, а од 31 јули годинава до вчера на истата локација предизвикан е пожар по трет пат.

– Овој пожар, карактеристично, беше запален на билото, високо под ридот, место кое речиси е непристапно, обраснато со трње, без пристапени патишта. На алтернативни патишта се носеше вода, само со едно теренско возило кое единствено можеше да доспее до локацијата, додаде Коцевски.

Втор пожар бил пријавен околу 17 часот, а добиена е дојава за пожар на куќи во село Длабочица.

– Веднаш е појдено со теренско возило и тројца пожарникари и повикана е помош од цистерна и ЈП Македонски шуми. Пожарот е локализиран околу 19 часот, а целосно ликвидиран во 23 часот. Интервенираа 6 пожарникари со 2 возила, 5 шумски работници и месно население, над десет луѓе. Опожарена е површина блиску до куќите, а пожарот се прошири накај местото викано Црква, но за среќа, зафатена е само една стара напуштена куќа, ненаселена, а спасени се две куќи во кои живеат луѓе, но немаше потреба за евакуација, посочи Коцевски.

Во 23:30 часот добиена е трета дојава за запален багрем во село Осиче, од местото викано Крушче до објектот на школото, упатена е екипа со тројца пожарникари, а временските прилики, дождот кој заврна, помогнал да се локализира делумно. Досега, во изминатите 48 часа најмалку од една до три екипи на ТППЕ Крива Паланка постојано се на терен, а во сите активности паралелно помагаат екипите на ЈП Македонски шуми, ПШС Осогово.

Слични содржини