Труење или стомачен вирус испрати гости на струшки хотел в болница

од desk2

Гостин на хотелот „Изгрев“ на струшкото крајбрежје се пожали на „Мета“ дека попладнето во саботата, откако претходно појадувале во хотелот, тој и неговото семејство почнале да чувствуваат мачнина, а потоа почнале и да повраќаат, поради што побарале лекарска помош во Општата болница во Струга, каде разбрале дека имало и други туристи од хотелот „Изгрев“ со исти симптоми. Гостинот се сомнева дека во прашање е труење со храна. Но, како што дознаваме, причините би можеле да бидат и други, односно можно е и да станува збор за стомачен вирус, бидејќи во последниот период во Охридско-струшкиот Регион се забележани позначителен број вакви случаи.

Од Општата болница во Струга велат дека во текот на викендот примиле тројца странски државјани со симптоми што може да значат и труење, но и друго, на пример, стомачен вирус. Како што велат, за причините за симптомите, засега не можат да се изјаснат. Напоменуваат дека пациентите се соодветно третирани според симптомите.

Од хотелот „Изгрев“ ни рекоа дека и кујната и целиот хотел ги исполнуваат сите стандарди и дека секогаш се подготвени за соработка со властите доколку нешто треба да се утврдува. Сепак, и оттаму ни посочија дека е можно да станува збор за состојба поврзана со неприлагоденост на организмот на некои туристи кои доаѓаат од климатски постудени подрачја или, пак, за стомачен вирус. Велат и дека е можно, ако навистина станува збор за труење со храна, да е во прашање храна што туристите ја консумирале на друго место.

– Кај нас минатата недела санитарна инспекција изврши редовен надзор, ни провери сè и сè беше в ред. Имаме записник од тоа, сè е како што треба. Некои од луѓето пред да дојдат кај нас имаат поминато и во неколку други хотели. Ние имаме персонал 200 луѓе, а повеќе од 1.000 луѓе се во хотелот и нема други такви проблеми. Овие појави се можни затоа што минатата недела температурата на воздухот беше премногу висока, па се појавуваат стомачни вируси. Болниците во Охрид и во Струга се полни поради тие стомачни вируси, тоа е јавна тајна… Ние правиме сè што се бара, работиме законски, а нашата кујна работи по сите светски стандарди – изјави за Мета Илија Џајковски од хотелот „Изгрев“.

За проверка со состојбата со стомачните вируси се јавивме и на Инфективно одделение во Општа болница Охрид, каде началникот, д-р Лидија Љаткоска, појасни дека и кај нив викендот се примени и странци и македонски граѓани со симптоми на гастроентеритис. Вели дека бројката на вакви случаи, иако повисока од другите периоди на годината, е сепак во рамките на очекуваното за туристичката сезона, односно во последните десетина дена немало нагло зголемување на бројката на пациенти примени со симптоми на повраќање и со висока температура./Мета

Слични содржини