Царовска: Се делеле хонорари на вработени од 50 илјади денари

од Vladimir Zorba

 Покрај платата, вработени во Министерството, како хонорар земале уште една плата, бидејќи членувале во комисии, иако тоа се одвивало во текот на работното време

 

 

 

 Во каква состојба го затекнавте Министерството за труд и социјална политика откако стапивте на функција?

Како и во сите други сектори, така и во овој со кој што раководам затекнавме многу неправилности и злоупотреба на средства.  Лично бев запрепастена  од високите хонорари што ги примале вработените во Министерството, преку учества во разни комисии и работни групи (комисија за лиценцирање, комисија за посвојување, работни групи формирани по закон и слично). Покрај платата како вработени во Министерството, како хонорар земале уште една плата, бидејќи членувале во комисии, иако тоа се одвивало во текот на работното време. Станува збор за високи суми, и до 50 илјади денари. Иако се работи за ресор во чија надлежност се и социјално загрозени групи граѓани, тоа не претставувало пречка за да се користи привилегираната позиција за стекнување лична корист.

Министерството за труд и социјална политика подготвува нов правилник околу плаќањето, со цел да се спречат ваквите појави во иднина. Членовите на комисиите кои работат во текот на работното време, ќе земаат по 500 денари месечно. Ако направиме функционален систем и во иднина се подобри стандардот, ќе останат и средства за плаќање на соодветни анализи, документи поврзани со креирање политики и слично. Дотогаш, ќе работиме во рамки на реалните можности и со максимална одговорност кон буџетите со кои располагаме.

Дали и кои измени планирате да ги направите во наредниот период како кадровски, така и стратешки?

Една од клучните цели на Владата е да направиме поефикасна администрација. Во поглед на кадровските и стратешките политики најпрво ќе се подготви функционална анализа за тоа каков вид на кадар ни е потребен и каков вид на кадар работи во министерството, па потоа ќе се направи усогласување и со Министерството за информатичко општество и администрација. Потоа ќе следува и кадровска политика согласно со потребите бидејќи ако се констатира дека во самото министерство има преврабротеност, а во исто време недостасува кадар во Центрите за социјална работа или пак во другите институции под надлежност на министерството, не е исклучена прераспределба на кадрите.

 Дали се прават анализи на работењето на претходното раководство?

Правиме анализи за работењето на претходното раководство. Не се проблем само високите хонорари што ги споменав, туку се трошело и на други непродуктивни работи кои немале никаква допирна точка со унапредување на социјалната заштита и сигурноста на социјалните случаи,  а и тоа како имало допирни точки со унапредување на нечии џебови и апетити.

Направивте ли пресек на претходните трошења во министерството, на пример, трошењата за репрезентација и други трошења? Колку, на годишно ниво, се трошело за репрезентација и на што?

Кога ќе го направиме пресекот на сите претходни трошења во министерството, како што се на пример репрезентациите и слично и кога ќе ја имаме сеопфатна слика за недомаќинскиот однос, ќе ја споделиме со јавноста.

Колкава е вашата плата? Дали како министерка се откажавте од извесни бенефиции? Пример, дали користите картички за трошоци за репрезентација како другите министри или слични бенефиции?

Мојата плата изнесува 67 илјади денари и  немам намера да користам картичка за репрезентација за покривање на лични трошоци и слични привилегии.

Дали министерството планира да ја зголеми социјалната помош, и доколку да, во која насока ќе се движи покачувањето?

Министерството за труд и социјална политика во наредниот период ќе работи на воведување на нов систем на социјална заштита преку воведување на минимален адекватен приход, преку кој лицата коишто живеат во сиромаштија ќе добијат паричен надомест како надополнување на нивниот приход до линијата на сиромаштија во државата, со цел надминување на состојбата на сиромаштија. Со новиот Закон за социјална заштита ќе се предвиди висина од 12.000 денари за секое четиричлено семејство кое не остварува никаков приход, додека пак сите оние семејства чии што приходи се под утврдениот лимит од 12.000 денари ќе им се исплатува разлика во висина до утврдениот минимален адекватен приход.

Во делот на социјалната политика ќе стимулираме политика на праведност при што наша приоритена цел е да се намали стапката на сиромаштија под 16% во 2020 година и да се воспостави систем за социјална заштита кој делува превентивно врз социјалните ризици.

Политиката на социјална заштита ќе ги вклучува сите, а не само луѓето со ниски примања. Во план е и воведување на социјална дебитна картичка – Солидарност. Картичката, воедно ќе служи како идентификувачки образец со којшто се докажува дека лицето е корисник на оваа услуга. Регистарот на овие лица ќе го водат неколку институции.

Промените на системот за социјална заштита ќе биде во две насоки: подобро насочување на надоместоците, т.е. нивно насочување само кај најранливите граѓани; и издвојување на материјалните права од стручната социјална работа.

Сакаме да обезбедиме функционирање на 8 регионални агенции за исплата на материјалните права од системот на социјална заштита со што ќе се овозможи подобро задоволување на социјалните потреби на граѓаните, а и поголема контрола на исплатата на социјалните бенефиции.

Се планира и воведување на семеен социјален работник, близок со граѓаните кој ќе работи на превенција и интервенција во семејниот систем. Социјалните услуги ќе бидат поблиски до граѓаните, со тоа што нивното програмирање и управување се дава во надлежност на локалната самоуправа (сервиси за поддршка и палијативна грижа за стари лица, центри за нега, грижа, вклученост, учество и внимание на лица со попреченост, заедници за домување на лица со попреченост над 26 години, превенција и заштита од родово базирано насилство, сервиси за заштита на други групи на граѓани кои имаат потреба, а кои се во некој социјален ризик).

 

 Како би ги оцениле правата на самохраните мајки во државата? Според информациите со кои располагаме тие добиваат месечен (детски) додаток од државата во износ од 600-700 денари. Дали Министерството планира да превземе нешто по ова прашање?

Кога станува збор за одредени права, не само на правата на самохраните родители туку и општо и за други права, сметам дека секогаш може повеќе и подобро да се регулирааат истите. Самохраните родители се многу ранлива категорија, но исто така се и останатите, еве да речеме деца без родители и родителска грижа или можеби родителите на децата со попреченост. Сите тие заслужуваат повеќе и подобро!. Факт е дека правото на детски додаток е симболична сума.  Ние ќе работиме на подобрување на сите права и во таа насока ќе се направи измена и дополнување на Законот за семејство, со прецизно дефинирање на статусите „самохран родител“ и “еднородителско семејство“.

Не се исклучува ниту можноста од трансформација на детскиот додаток во некој друг вид додаток, а во кој и каков ќе треба заедно МТСП, Центрите за социјална работа, граѓанските организации, граѓаните и меѓународните организации да најдеме начин како да ги структурираме правата и да дадеме одговор на различните ризици. Во таа насока, формирана е и работна група која што ќе направи анализа за состојбите и можностите и ќе работи на измена и на дел од Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита.

 

Колку самохрани мајки добиваат ваква помош од вашето министерство?

Вкупниот број на самохрани мајки заклучно со последната реализирана исплата е 718, а вкупниот број на самохрани родители заклучно со последната реализирана исплата е 850.

 

Дали е точно дека, доколку самохраните мајки добиваат алиментација од таткото не смеат законски да се обратат кај вас за дополнителна финансиска помош?

По однос на условите за остварување и користење на правото на социјална парична помош и правото на постојана парична помош, законската издршка за дете во висина до 5.000 денари  не се засметува како приход во постапката за остварување и користење на правото на социјална парична помош и правото на постојана парична помош.

 

 Во изминатиот период и социјалните случаи, исто така, не смееја да примаат помош од државата доколку имаа дополнителни приходи од други места. Ќе има ли измени на ова поле?

Со Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош, пријавените или остварените нето приходи од Управата за јавни приходи на сите членови на домаќинството кои влегуваат во категоријата други приходи согласно прописите од областа на даноците, во висина до 30 000 денари на годишно ниво, не се сметаат за приход при остварување и користење на правото на социјална парична помош. Но, во оваа прилика сакам да потенцирам дека министерството со воведување на новиот систем на социјална заштита чија цел е извлекување на лицата кои што живеат во состојба на сиромаштија, ќе воведе реформи во начинот утврдување на приходите во семејството.

разговарал:

Никола Рашо Радулов     SKOOP

Слични содржини