Цела Македонија под привремена управа – в.д. ги водат судовите, владата и собранието

од Vladimir Zorba

Трите власти во државата – законодавната, судската и извршната – се под привремена управа. Веќе два месеци, и подолго, на чело на најважните судови, Владата, Собранието, МВР се наоѓаат вршители на должност, кои привремено ги извршуваат раководните функции на кои се поставени.

Ваквата ситуација го скратува дијапазонот на одлуки и на решенија што можат да ги носат, а и веќе донесените се ставаат под знак прашалник од јавноста и од експертите. До кога ќе трае привремената управа, се очекува да биде појасно до крајот на неделава, кога истекува рокот од 20 дена, во кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, треба да се изјасни дали може да формира влада или не.

В.д. судска власт
  • Врховниот суд (највисок суд во државата и носител на судската власт) од 5 декември има в. д. претседател. Функцијата ја извршува судијката Снежана Бајлозова, откако на Лидија Неделкова еден ден претходно ѝ истече мандатот;
  • Основниот суд Скопје 1 (најголемиот и најважниот суд во државата, каде се судат случаите за организиран криминал и корупција и предметите на Специјалното јавно обвинителство) од 5 декември како в. д. претседател го води Татјана Михајлова (која го суди предметот на СЈО против Никола Груевски за случајот „Шамари“, н.з.), откако на Владимир Панчевски му истече мандатот на 4 декември;
  • Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по изборот на обвинителот Јован Илиевски за судија од Македонија во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, за в.д. шеф го има Златко Биковски;
  • Министерството за внатрешни работи (иако не е дел од судската, туку од извршната власта, МВР сепак е дел од институциите задолжени за борба против криминалот и корупцијата), по официјалните резулати од изборите, го раководи Агим Нухиу (претходно заменик-министер во МВР, н.з.) кој функцијата ќе ја извршува до изборот на новата влада.

(Во тек е постапката за избор на претседатели на Врховниот и на Кривичниот суд во Скопје, која иако почна уште на почетокот на октомври минатата година, сè уште не е завршена, а изборот на претседателите на судовите, по препорака на Државната комисија за спречување на корупција, беше одложен по изборите.

Во законите за судски совет и за јавни обвинители не се наведени рокови за избор на претседатели на судовите и на шефови на јавните обвинителства).

В.д. законодавна власт
  • Новото Собрание на Република Македонија, иако се конституира на 30 декември 2016 година, сè уште нема избрано претседател и заменици-претседатели. Во моментов со него, како „вршител на должност“ претседавач, раководи претходниот спикер, Трајко Вељаноски. Изборот на претседател на Собранието зависи од формирањето на владина коалиција, која ќе обезбеди мнозинство во парламентот.
В.д. извршна власт
  • Со Владата раководи техничкиот премиер во оставка, Емил Димитриев, сосе министрите во оставка, кои функциите ќе ги извршуваат до изборот на новата влада./Meта

Слични содржини