ЦИА се отвори за Македонија , а богами и за „наша“ Југославија

од Vladimir Zorba

Централната агенција за разузнавање на САД (ЦИА) објави повеќе од 800.000 документи на повеќе од 12 милиони страници од кои е симната ознаката на тајност.Иако од поголемиот дел од документите е отстранета ознаката на тајност уште во средината на 90-тите години на минатиот век, јавноста многу тешко доаѓаше до нив .

Меѓу нив може да се најдат и илјадници извештаи, истражувања, белешки и анализи за екс Југославија и секако за Македонија, собрани од разузнавачките служби, што секако ќе биде главен извор за нови теории на заговор или подгревање на старите со наводни докази.

Многу од овие документи имаат цензурирани делови, но од нив може да се дознае  и да се добие вистинската слика што сѐ ЦИА знаела за ситуацијата во поранешна Југославија, за Јосип Броз Тито, за усташите, …

Всушност станува збор за  300 декласифицирани документи за војната на просторите на поранешна СФРЈ, а меѓу нив е и документот во кој се вели дека се потребни санкции насочени кон Србија и меѓународна интервенција за да се спречи понатамошна ескалација на насилството. Во вториот документ е забележано како Хрватска го заобиколи ембаргото за оружје и од крајот на 1991 година купила оружје во вредност од стотици милиони долари од земјите од Западот, но исто така и од Русија, Белорусија, Бугарија …

Во документите кои ЦИА ги објави на сајтот може да се најдат информации за различни теми, како што се нацистичките воени злосторства, експериментите со „контрола на умот“, улогата на ЦИА во соборувањето на владите на Чиле и Иран …

За Супер галеб

Поранешна Југославија во Америка можела да извезува авиони Г-4 во вредност од 10 милијарди долари, што е опишано како „бизнис на векот“, но тој пропаднал.

Југословенската државна компанија СДПР и „Џенерал Динамикс“ имале прелиминарен договор за производство на околу 5.000 авиони Г-4, познат и како „Супер галеб“, но до реализација не дошло поради војната која започна во 1991 година.

Документите на ЦИА покажуваат деката агенцијата уште во 1981 година ги имала сите релевантни информации во врска со овие авиони.

Во документот насловен како „Прво набљудување на југословенскиот Г-4 Супер Галеб“, се наведуваат сите главни карактеристики на авионот и направена е споредба со другите југословенски авиони како што се Г-2А Галеб и Соко Орао.

За усташите и хрватските сепаратистички проблеми

ЦИА во 1972 година направила опширен извештај за терористичките акции на усташите, како што е убиството на југословенскиот амбасадор во Шведска во 1971 година, а зборува и за растечкиот проблем кои го предизвикале во Југославија хрватските сепаратисти. Во друг документ од 1948 година, пишува за големиот број на усташи кои избегале во Аргентина по Втората светска војна.

За Тито: Трансфер на српските фабрики во Словенија и Хрватска, кои се неговите советници, зошто се разведе од Јованка …

За Јосип Броз Тито ЦИА објавила илјадници документи, тука се наоѓаат бројни интервјуа, анализа на неговата политика и детали од приватниот живот. Меѓу другото во нив се наведени информации околу префрлањето на српските и црногорски фабрики во Хрватска и Словенија. Во извештајот на ЦИА пишува дека во 1955 година имало несогласувања меѓу српските и црногорските лидери од една и словенечките и хрватските од друга страна поради плановите за преселба на фабриките. Затоа Тито „ги одложи подготовките за српските фабрики во интерес на единството на партијата“, но било очигледно дека ги „поддржа Словенците и Хрватите“. Ова на некој начин ги потврдува тврдењата дека околу 70 фабрики подоцна сепак се преместени од Србија.

Во документот насловен како „Титови советници“ се зборува за тоа дека тој во 1955 година се свртел повеќе кон приватниот живот, поради што не можел лично да ги надгледува сите аспекти на владата, па се свртел кон бројните советници. ЦИА се занимавала детално и со односите на Тито и Москва и можните причини за нивното влошување.

Во еден коментар се зборува за тоа како тече разводот на Тито и Јованка Броз и се спомнува дека таа е обвинета за мешање во државните работи на државата како можна причина за разводот.

Порано до документите можеше да се пристапи само од четири компјутери во Националниот архив во Мериленд. Непрофитната организација која се бори за правото на пристап до информациите „MuckRock“ ја тужеше ЦИА за да ја принуди да ги објави документите, а целиот процес траеше две години.

Документите може да се видат на веб сајтот на ЦИА.

Слични содржини