Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ја поддржуваат идејата за намалување на грчкиот долг на заедничката прес конференција денеска со премиерот на Грција Алексис Ципрас. Ципрас, пак, беше принуден да се правда за својата изјава во која Трамп го нарече зло за целиот свет.

– Зошто не ми го кажавте ова пред да ја имаме средбата?, запраша Трамп, откако американски новинар го праша Ципрас дали се уште стои на ставот дека победата на Трамп би претставувала зло за целиот свет. Грчкиот премиер на ова одговори дека не се почувствувал загрозен за време на денешните разговори со Трамп и повеќе пати инсистираше дека мнозинството Грци ја сакаат Америка.

Американскиот претседател ја пофали Грција затоа што и покрај тешката финансиска состојба троши повеќе од 2 проценти од својот бруто домашен производ за одбраната, како и за најавената зделка за модернизација на нејзините авиони Ф-16. Претходно, за време на билатералната средба, како и средбата на делегациите, Ципрас инсистираше дека Грција претставува столб на стабилноста на регионот на југоисточна Европа.

– Ќе зборуваме за дополнителни начини на кои Грција може да ни помогне и ние ќе и помогнеме на Грција. Имавме долгорочни односи со Грција, тие беа одлични пријатели и лојални пријатели и сојузници, изјави Трамп за време на првичните средби.

При заедничката прес конференција, освен инцидентот со изјавата дека „изборот на Трамп е зло“, беше забележително дека американскиот претседател не ја користи слушалката за превод додека Ципрас на грчки јазик одговараше на прашањата поставени до него.  Прашан дали Турција се уште може да се смета како демократска земја, Ципрас изрази поддршка за приемот на Турција во Европската Унија, но откако земјата ќе спроведе реформи.

Слични содржини