Турски министер предлага намалување на порциите во хотелите за да се намали фрлањето храна

од desk2

Новоназначениот турски министер за храна, земјоделство и сточарство Ахмет Ешреф Факбаба предлага намалување на порциите во луксузните хотели, со цел да се ограничи непотребното трошење храна во услови кога во светот има глад и неухранетост, пишува весникот „Хуриет дејли њуз“.

– Во светот денес околу 800 милиони лица се соочуваат со глад и неухранетост. Глобалниот мир не може да биде поддржан, ако не биде гарантирана безбедноста во исхраната, изјави министерот. Според него околу 1,3 милијарди тони храна од вкупно четири милијарди тони се фрлаат секоја година. Според него за дел од тоа фрлање се одговорни луксузните хотели, кои трошат непотребно големи количини храна.

– Успеваме да конзумираме едвај половина од таа количина, изјави министерот и додаде дека откако почнал да работи во Министерството ги поттикнува хотелите да ги намалат порциите.

Тој прецизира дека препораката се однесува конкретно на луксузните хотели. Турција, која има голем број одмаралишта долж морското крајбрежје е посетувана од голем број странски туристи во текот на летната сезона и е позната по одличните услови кога станува збор за хотелската храна, но и по изобилството во хотелите.

Мошне популарна за туристите е опцијата ол инклузив, со која на гостите им се овозможуваат оброци во текот на целиот ден од турската и странски кујни, како и алкохолни и безалкохолни пијалаци.

Слични содржини