Твитер-бранови за сурф-мајсторите на професијата

од Vladimir Zorba
Фотографија: Ванчо Џамбаски, Фотошоп плус: СПФМ

Фотографија: Ванчо Џамбаски, Фотошоп плус: СПФМ

 

Атрактивните прес-конференции или настани се екстремно вирални. Тоа се брановите на кои сурфаат најголемите мајстори на професијата. „Твитер“ е совршената штица за суфање за тој предизвик.Пред десет години, во март 2006 година, основачот на „Твитер“, Џек Дорси, го испрати својот прв твит. Замислена како социјална мрежа поставена на принципите на СМС, мрежата од 140 карактери за порака се претвори во трендмејкер за многу бизниси и социјални акции, во иновативен начин на комуникација со информациите, и, за нас и за оваа лекција, најважниот момент – стана најупотребуваната алатка или канал за комуникција, за вестите во новинарството, за вестите на денот во реално време.

Денеска на мрежата „Твитер“ има повеќе од 300 милиони активни корисници (од 1,2 милијарда регистрирани).

Сепак, она што ја прави оваа социјална мрежа од посебен интерес за новинарите и за журнализмот, е што се претвори во мрежа на која најмногу ѝ веруваат кога станува збор за вести на денот, за пронаоѓање на најсоодветни извори на информации, па дури и за контакт со првите фотографии или видеозаписи од настаните на денот.

Придобивките од оваа мрежа доаѓаат од двете нејзини суштински карактеристики: „Твитер“ е мрежа на заедници, заедницата е „жива“ и активна ако нејзини репрезенти се луѓе што имаат што да кажат и да слушнат. Впрочем, ако немаат што да кажат и ако не сакаат да слушнат, тогаш не им треба „Твитер“ ниту, пак, која било друга социјална мрежа.

Оттаму, кога имате мрежа на заедници со луѓе со силен глас и влијание и со луѓе на кои им е битен добриот живот во заедницата, пред вас е ресурс од кој добивате вредни информации, но и публика на која ѝ се од важност информациите што преку „Твитер“ може да ги добие од една друга заедница – новинарската. Без разлика дали таа мрежа е составена од професионални или независни новинари.

 

Твитајте секој ден

Една од најважните карактеристики на социјалните мрежи е видливоста. Таа се постигнува само со активност и со динамика која е доволно честа за да биде видлива, но и доволно полна со вредни содржини со што видливоста ќе се претвори во влијателен извор на кој другите членови на заедницата (публиката) со задоволство ќе му се навраќаат.

Оттаму: Твитајте секој ден. Односно редакциите треба да се погрижат, доколку сакаат да бидат влијателни извори на кои публиката им верува, да ја организираат редакцијата на начин кој ќе овозможи активно, динамично и, пред сè и над сè, креативен и функционален начин за комуникација на вестите кои се од интерес на заедницата.

Во активноста и во динамиката на „Твитер“ влегува и ретвитањето. Социјалните мрежи се за споделување и за заследување, а не само за дистрибуција на вашите вести. Новинарските редакции треба да покажат „припадност“ и грижа за заедницата и да ги ретвитаат и пораките на другите. Ако сакате да ја култивирате заедницата, треба да твитате, односно дистрибуирате информации, но и да бидете интерактивни, односно да прифатите и да ретвитате вредни информации од интерес на заедницата, твитнати од други.

 

Секој твит треба да биде автномен со свое значење

Кога динамиката на ширење на информации преку „Твитер“ ќе ја добие потребната фреквенција за да стане влијателна и очекувана, не треба да се заборави уште едно важно правило: Не претпоставувајте дека вашите корисници се „устримани“ на вас 24/7 и дека во секој момент знаат на што се однесува секој ваш твит одделно. Запомнете и спроведувајте го правилото: Секој твит е сам за себе. Треба да биде автономен и со свое значење.

 

Нека биде едноставно

„Твитер“ ја доведе до перфекција мотивацијата да биде кратко и едноставно (KISS – keep it short and simple). Ако твитате, и самите сте засведочиле кога ќе претерате со карактерите, дека „Твитер“ ви порачува: „Ајде, можеш ти и подобро!“.

Не е ништо страшно да учиме од другите. Ако не сте го направиле тоа досега, направете го веднаш. Заследете ги, на пример, „Вашингтон пост“ или „Гардијан“. Ќе се уверите веднаш до какво совршенство се доведени насловите за да бидат „фит“ со 140 карактери на „Твитер“. Секој наслов/твит е вест, линк и мултимедиjална содржина:

wp

Кога зборуваме за едноставно, тука секако е опфатена и употребата на хаштаговите (#). Не претерувајте! Повеќе од еден хаштаг знае да биде збунувачки и дифузен, наместо прецизен и насочен.

Стремете се да бидете релевантни и влијателни. Кога ќе го постигнете тоа, чудесни работи ќе ви се случуваат кои ќе потврдуваат дека го правите витинското во вашата професија.

Сепак, најдобрите ефекти на „Твитер“ се постигнуваат со твитовите во живо. Затоа:

 

Твитајте во живо

Тоа е најдобриот начин да обезбедите секогаш нови заследувачи и препораки за уште поголем број. Атрактивните прес-конференции или настани се екстремно вирални. Тоа се брановите на кои сурфаат најголемите мајстори на професијата. „Твитер“ е совршената штица за сурфање за тој предизвик.

 

Еве неколку совети кои треба да ги почитуваат зен-мајсторите на новинарското сурфање на твитер-брановите:

1. Креирајте хаштаг (#) или изберете веќе поставен. Нека биде кус и речит за да биде јасно за што станува збор и за да ви останат доволно празни места за буквите на веста. Хаштагот се става на крајот од твитот и на тој начин секој што има интерес за тој настан ќе може да ги следи вашите твитови и да ја идентификува вашата редакција со информациите што ќе почнете да ги споделувате од тој настан.

Така почнува хаштаг-стримот на вашите вести од настанот.

Еве еден пример од нашата „свежа“, новинарска практика. Еден од првите твитови во низа од прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за првите обвинителни акти поврзани со аферата „Прислушување“:

0000

Препорака: Не мора да бидете на настанот за да бидете дел од хаштаг-стримот. Редакцијата може да се „закачи“ на хаштагот на настанот и да ги ретвита новите информации и вести. Рековме дека и тоа е дел од филозофијата на социјалните мрежи – споделувањето. Уште повеќе, можете со ретвитот да дополнувате, да коментирате, да линкувате до други ресурси поврзани со твитнатите акценти од настанот.

Пример: Закачените на хаштагот „#СЈО“, на настанот кој овде го користиме како студија на случај за твит во живо, почнуваат да ги збогатуваат вестите со содржини врзани за темата на прес-конференцијата на СЈО. Еден наш колега со линк до видеоснимка од архивата на неговиот портал, потсетува на насилството што се случуваше пред Општина Центар:

0001

2. Подигнете го вниманието на највисоко ниво. Овој совет може да ви се чини „учителски“, но не заборавајте дека целата поента на твитањето во живо е да не пропуштите и да ги објавите оние поенти кои се вест, кои се од посебен интерес за јавноста, односно за вашите следбеници на мрежата. Навистина, има голем број прес-конференции или настани на кои нема ништо атрактивно на прв поглед, но понекогаш вестите се скриени во мноштвото зборови. Затоа, бидете на штрек, изберете ги исказите кои ќе ја раздвижат вашата публика.

001

3. Запознајте ја добро вашата публика. Секогаш е добро да си ја повторувате лекцијата за вашата публика: Која е таа? Кои се нејзините приоритети? Ако ги имате одговорите на овие прашања, ќе знаете какви твитови треба да испорачате. Бидете сигурни дека вашите твитови се релевантни на вашата публика.

4. Секогаш употребувајте атрибуција, односно именувајте ги исказите. Прес-конференциите или настаните на кои настапуваат познати, релевантни, личности, се места од каде што се твитаат нивните искази. Во такви случаи секогаш ставете го името на прво место и со две точки издвојте го цитатот. Добра практика е секогаш со името да оди и знакот „@“ за да ја поврзете вашата публика со дополнителни извори за авторот на исказот: неговата твитер-профил, биографијата или со други интернет-извори поврзани со него/неа.007

5. Нека биде мултимедијално. Додадете видеозапис, фотографија, графики или линкови на кои има такви медиумски содржини. Фотографирајте за време на настанот и ставете ги фотографиите. Снимајте видеопарчиња. Доколку говорниците се повикуваат на документи и на други извори, обидете се веднаш да ги најдете на интернет и веднаш ставете ги како додадена вредност на твитовите во живо.

0002

6. Линкувајте до ваши или до релевантни твитови на другите објавени претходно.Многу е веројатно настанот што го твитате во живо да е поврзан со претходни искази, настани, луѓе, за кои веќе сте имале твит. Доколку се случи нешто такво, отворете нов таб со вашиот твитер-профил (www.Twitter.com/yourusername) и пронајдете го твитот. Кликнете на времето кога е објавен (на пример: „17 hours ago“), и копирајте го URL-линкот на тој твит и споделете го во твит стримот во живо.

005

7. Следете ги другите за време на твитањето во живо. За да го правите ова ефикасно, „Твитер“ има една алатка која се вика Tweetdeck. Кога ќе отворите вашиот твитер-профил со оваа апликација, имате можност вашиот екран да го поделите на повеќе колони за да ги следите активностите на „Твитер“ во исто време. Првата колона нека остане вашата стандардна прва стана за да ги следите вообичаените активности на твитер-заедницата. За втората колона, во нашиот случај, кога твитаме во живо, во сетингот на колоната впишете го хаштагот од настанот (на пример: #СЈО), и во таа колона ќе ви „пристигнуваат“ сите твитови со тој хаштаг. Целата дебата за настанот ја имате на дланка. Третата, четвртата… колона можат да бидат за директните пораки или за други твитер-активности поврзани со настанот. На овој начин сте постојано во контакт со реакциите на вашите и на вестите на другите поврзани со настанот. Тоа ви дава можност во секој момент да реагирате соодветно.

01-tweetdeck

8. Одржувајте ја комуникацијата и дебатата. Следете ги внимателно реакциите и дебатата што се отвора додека е во тек твит-стримот од настанот. За да може редакцијата да ги постигне сите овие активности, се покажува за потребно на настанот да одат двајца новинари или, пак, еден или повеќе, да бидат задолжени целата таа конверзација на твитер-сцената да се следи и да ја поттикнуваат. Оваа дебата може да укаже на некој „скриени“ аспекти на темата на настанот или да открие насоки кон кои може да се развие целата приказна.

006

9. Дозволете им видливост на различните поенти, мислења, коментари. Овозможете го тоа и, секако, овозможете да се чујат мислењата што ги поттикнале некои други редакции, доколку и тие го твитаат настанот во живо. Убаво е да ѝ се дадат на публиката различни перспективи за еден ист настан.

10. Афирмирајте ја поддршката што сте ја добиле од старите, но и од новите следбеници за време на твит-стримот. Кога ќе заврши настанот, објавете твит на кој го соопштувате тоа и заблагодарете им се на сите што ве следеле. Истакнете го и нивниот придонес во „преносот“ во живо и за нивното учество во дебатата.

11. Издвојте ги најзчајаните теми или индикации за теми кои биле поттикнати од твитањето на настанот во живо. Не е исклучено дека некои од нив кријат во себе поенти за нови приказни од интерес за вашата заедница. Лајкнете или фаворизирајте ги најинтересните поенти и укажувања. Тоа ја зголемува активноста на вашиот твитер-профил и ѝ дава на публиката право да се почувствува рамноправна во дебатата и во поттикнувањето на развојот на темите од интерес за заедницата.

„Твитер“ е супер платформа за настани во живо. Направете го тоа еднаш и никогаш повеќе нема да се откажете од тоа. Зашто на едно место, во исто време, ја имате реакцијата на публиката, ритамот на настанот.

 

Слични содржини