Уапсен бизнисменот Бенџамин Штајнмец

од Vladimir Zorba

Милијардерот Бенџамин Штајнмец, кој е сопственик на низа компании во земји на Балканот, меѓу кои и Мкаедонија, а кој се бараше со потерница од страна на романските власти е уапсен во Тел Авив под сомнeние за перење пари.

Штајнмец е сопственик на компанијата „Cunico Resources“ која работи на производство на феро-никел и која е активна во Македонија и во Косово.

Како што пренесуваат израелските медиуми, Штајнмец заедно со уште тројца бизнисмени бил приведен на испрашување поради потпишување на лажни договори преку кои се переле пари поврзани со копање руда во африканската држава Гвинеја.

Според израелските медиуми, во понеделникот биле претресувани домовите на четворица уапсени бизнисмени, кои се товарат за криминал тежок 150 милиони евра.

 Сите уапсени се сомничат за корупција, во која се инволвирани високи романски претставници, а моментно им се суди во отсуство во Романија.

Во земјава Штајнмец преку фирмата „Cunico Resources“ е сопственик на „Фени Индустри“ од Кавадарци, додека на Косово го поседува рударскиот комплекс „NewCo Ferronikeli“.

Според рангирањата на магазинот „Форбс“, Штајнмец е еден од најбогатите луѓе на светот, а во Македонија дел од медиумите го поврзуваа со фирмата „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“ и со бизнисмените Ури Бидер и Михаил Черни кои според медиумите стоеа позади обидот за преземање на компанијата „Макпетрол“.

Имињата на наводните „инвеститори“ се добро познати во матните кругови на источноевропскиот бизнис. Новинарите-истражувачи објавија низа информации со кои се бележи сомнителното минато на луѓето од „БХПЛ“: од обвинувања за корупција, перење пари и врски со политичари, до сомнителни преземања со катастрофални последици за големи и успешни компании.

Слични содржини