Уапсени сопственикот и главниот уредник на грчкиот неделник „Параполитика“

од Vladimir Zorba

Грчката полиција ги уапси главниот уредник на неделникот „Параполитика“, Панајотис Ѕенос, и издавачот на весникот, Јанис Куртакис, по тужба на лидерот на Независни Грци и министер за одбрана, Панос Каменос.

Главниот уредник на весникот беше уапсен со големо полициско присуство од 15 полицајци во канцелариите на неделникот по тужба од Каменос за клевета против него и неговото семејство и за обид за изнудување.

Каменос тврди дека новинарите на неделникот, кој има и своја радио-станица, преку радио-емисија директно го напаѓале и ширеле лажни информации дека неговиот малолетен син е анархист и поврзан со уапсената терористка Пола Рупа. Каменос тврди дека ваквите информации се и директна навреда за него и ќе го попречат идното образование во странство и имиџ на неговиот син.

Уапсените новинари порачаа дека е ова обид за нивно замолчување и за заплашување и велат дека имаат доверба во независното судство. Новинарите, исто така, велат дека судот ја отфрлил тужбата на Каменос за изнудување.

Против апсењето на новинарите се огласи и медиумската бранша, новинарскиот синдикат ЕСИЕА и сите опозициски партии, кои го осудија овој чин од владата на СИРИЗА и на Независни Грци и побараа почитување на слободата на печатот./Мета

Слични содржини