Убиецот од Торонто е следбеник на заедница женомразачи

од desk2

Алек Минасијан, кој е приведен за нападот во Торонто во кој загина 10 луѓе, неколку минути пред да влета со изнајмено бело комбе во толпа луѓе, на Facebook објавил порака во која му се восхитува на убиецот Елиот Роџер и ја спомнува мизогината заедница „инцел“ на Reddit.

Минасијан (25) вчера беше изведен пред суд и се товари по 10 точки за убиство и 13 точки за убиство во обид.

Полицијата рече дека тој намерно ги изгазил пешаците откако се качил на тротоарот со комбето. Беше уапсен неколку улици понатаму, откако соочен со полициската опсада викаше „убијте ме“.

Мртвите и повредените се главно жени на возраст од 20-тина до 80-тина години, рече полицијата.

Канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека инцидентот е „безумен напад и ужасна трагедија“.

Што претставува заедницата „инцел“?

Објавата на Facebook профилот на Минасијан, што ја потврди и социјалната мрежа, содржи пофалби за Елиот Роџер, 22-годишен маж од Калифорнија кој уби шестмина во вооружен напад во Исла Виста во 2014 година, а потоа се самоуби.

Терминот „инцел“ (involuntary celibate – недоброволен целибат) се однесува на веќе забранетата заедница на сајтот Reddit што ја почна Роџер, каде млади мажи дискутираа за нивниот недостиг на секс и ги обвинуваат жените за тоа.

Минасијан се појави на суд со избричена глава, облечен во бел комбинезон, со рацете во лисици зад грб и не покажа речиси никаква емоција.

Тој ќе остане во притвор и ќе се појави пред судот повторно на 10 мај кога ќе има сослушување за кауција. Наредено му е да не стапува во контакт со преживеаните жртви на нападот.

Полицијата продолжува со истрагата.

Слични содржини