УБК да ги тргне рацете од прислушувањето, судскиот совет да се реформира

од Vladimir Zorba

Професионализација на Судскиот совет, силна контрола над Управата за безбедност и контраразузнавање, преточување на препораките на ОБСЕ и ОДИХР во Изборниот законик, зајакнување на улогата на народниот правобранител и зголемување на неговите ингеренции како и нов закон за медиуми се дел од реформските приоритети кои ќе влезат во документот кој в понеделник ќе му биде претставен на еврокомесарот Јоханес Хан. Од Владата велат дека најмногу внимание се посветува на работата на УБК и на реформите во судството.

Во однос на судството – приоритет ќе биде судскиот совет, односно во него да седнат експерти, кои понатаму нема да имаат политички мотиви, како што велат од владата,  при изборот на судии.

Народниот правобранител треба да добие повеќе механизими за да се почитуваат неговите препораки, а Собранието засилена контрола на УБК, АР и следењето на комуникациите.

Дел од овие реформи ќе бидат само отворени и ставени на јавна расправа, за дел се направени законски измени, за другите пак ќе се чека и ставот на експертите на Прибе. Но според проекците за година и пол треба се да биде спроведено.

Конкретен акциски план очекува и НВО секторот. Тоа му го кажеле дел од нив и на вчерашната средба со премиерот Зоран Заев, а дел од невладините понудиле и решенија за операционализација на сите барања кои ги достави Прибе.

„Јас очекувам подобар документ и мојот генерален впечаток е дека невладините очекуваат документот кој ќе го подготви владата да ги избегне замките на слични такви докумети од минатото и да не биде како Патоказот од 2012 година кој не беше насочен документот на резултати туку на едноставно штиклирање на работите кои биле направени само колку да се штиклира. Невладините бараат суштина на документот. Ние имавме два месеци политичко насилство и никој не се чувствува безбеден но она што треба да го гарантираат новите реформи е дека никој нема да биде недопирлив, насилството ќе биде казниво и треба да се започне од тие работи“, вели Петковски.

Петковски смета дека владата нема да може да си дозволи отстапки од зацртаните реформи пред се поради тоа што ќе биде одблиску набљудувана од меѓународната заедница, но и невладините организации и јавноста која очекува резултати. Токму тоа доцна синоќа го порача и еврокомемесарот во пресрет на доаѓањето во Скопје.

„Новата Влада, заедно со опозицијата, треба да се фокусира на спроведувањето на Итните реформски приоритети и на целосно спроведување на договорот од Пржино, со цел да се врати земјата на патот кон интеграцијата во ЕУ. Реформите мора да се направат за да се подобрат животите на луѓето, да се работи за стабилност, просперитет и правда“, вели Јоханес Хан, еврокомесар за проширување.

Хан в понеделник ќе зборува со премиерот Зоран Заев, ќе присуствува на седница на владата, но ќе се срертне и со политичките лидери во земјава. Акцискиот план во вторник ќе го скенира и германскиот експерт Рајнхард Прибе./извор ТВ24

 

Слични содржини