Угостителите и општина Охрид согласни за воведување ред во поставувањето урбана опрема

од desk4

– Надлежните во Општина Охрид и угостителите се согласни дека има потреба од воведување ред во наплатата на комуналната такса како обврска на угостителските објекти и околу цената на надоместокот за поставување урбана опрема што би зависела од локацијата на просторот што се дава под закуп.

Ова беше утврдено на денешната средба на претставници од општината, градоначалникот Јован Стојаноски и угостителскиот еснаф. Она што остана недоговорено е висината на надоместокот за поставување урбана опрема, што ќе се решава на следната средба закажана за задутре.

На средбата беше постигната и согласност угостителите да не мора секоја година да изготвуваат нов елаборат при поднесување на барање за поставување урбана опрема доколку нема измени во фактичката состојба.

– Мора да се воведе ред во градот кога станува збор за поставувањето урбана опрема. Според анализите и сознанијата што ги има општината, во најголем дел плаќани се комунални такси и надоместокот за поставување урбана опрема само за три месеци, а просторот е користен цела година. Тоа мора да се отстрани, а сите останати прашања ќе ги решаваме во консултација со сите заинтересирани субјекти, изјави градоначалникот Стојаноски по средбата.

Тој изрази уверување дека на средбата в среда ќе биде изнајдено решение прифатливо за обете страни во однос на висината на надоместокот за поставување урбана опрема.

Претставниците на Здружението на угостителите „Охридски еснаф“ со оценка дека се работи за прелиминарен разговор, а ставовите со општината ќе се усогласуваат на наредната средба.

– Нашите барања беа доставени во писмена форма и согласно нив очекуваме правилно и во рамки на законските норми да бидат донесени обострано прифатливи решенија. Зонирањето предвидено со предлог-одлуката за поставување урбана опрема како предлог е прифатливо за нас, преостанува да видиме каде ќе се најдеме со цената на износот на комуналната такса, изјави претседателот на „Охридски еснаф“, Михаил Мишев.

Еснафот има забелешка во однос на толкувањето на легислативата во делот дали плаќањето комунална такса ја исклучува потребата од дополнително плаќање закупнина, како и околу потребата од воведување зимска и летна тарифа во утврдувањето на цената на комуналната такса.

Слични содржини