Украдени две ѕвона од манастирот „Свети Пантелејмон“ во село Пантелеј Кочанско

од Vladimir Zorba

Две црковни ѕвона изработени од месинг од по 70 килограми сместени на камбанаријата во манастирскиот комплекс „Свети Пантелејмон“ во селото Пантелеј Кочанско се украдени. Непознат сторител или сторители кражбата ја извршил во перидот од 20 и 21 јануари, а случајот бил забележан од домаќинот на црквата и пријавен во кочанската полиција вчера попладне.

Ова денеска ни беше потврдено и од надлежните свештеници од Кочанското архиерејско намесништво во чиј состав се наоѓа манастирскиот комплекс „Свети Пантелејмон“ во селото Пантелеј.

– Украдени се две ѕвона од камбанаријата во манастирот и е направена голема материјална штета. Звоната се однесени во непознат правец, а за кражбата се известени и полицијата во Кочани и сите складови кои откупуваат старо железо. Со ова е направено скрнавење на значаен верски објект од христијанството, изјави Димитар Арсовски, ѓакон во кочанскиот храм „Св.Великомаченик Горги“.

Според евиденцијата во манастирската архива ѕвоната се со мошне стар датум и датираат од 1871 година кога всушност е и градена црквата посветена на Свети Пантелејмон.

Слични содржини