Украдени пиштоли во Штип и во скопски Илинден

од desk2

Во две кражби во Штип и во скопската населба Илинден се украдени два пиштоли, извести МВР. Случаите во полиција биле пријавени вчера.

Во првиот, според сопственикот на стан на улицата Широк дол во Штип, во период од петокот до вчера, засега непознат провалник преку гаражата прилепена до зградата, дошол до кујнскиот прозорец кој насилно го отворил и влегол во станот. Оттаму украл пиштол, марка „чешка зброевка“ калибар 9 милиметри, телевизор и разновидна бижутерија, а потоа излегол од станот и провалил во подрум преку вратата, по што украл разен алат и заминал.

Во вториот случај, во периодот помеѓу саботата навечер до половина час по полноќ во неделата, засега непознат сторител провалил во куќата на 55-годишен жител на скопската населба Илинден. Таму првин ги одвртел светилките пред влезната врата, потоа со посебен алат насилно ја отворил влезната врата и од куќата одзел пиштол „црвена застава“, 33 куршуми за пиштол калибар 9 милиметри и разновиден златен накит, по што заминал.

Полицијата работи на откривање на двајцата провалници.

Слични содржини