Уште неродени, задолжени со над 2 000 евра

од desk3

Државниот и јавниот долг на Македонија се сè уште во одржливи рамки, но блиску до границата на одржливост зашто поголем дел од фискалниот простор е веќе искористен, оценува невладината организација “Фајнанс тинк“, во своето истражување „Има ли простор за дополнително задолжување“.

Македонскиот државен долг во 2016 година изнесуваше 3,9 милијарди евра или 39,1% од БДП, додека износот на јавниот долг, каде се пресметани и долговите на јавните препријатија и акционерсите друштва со мнозински државен капитал, е 4,7% милијарди евра или 47,8% од БДП.

Тоа значи дека секое бебе во Македонија се раѓа со долг од 2.274 евра, а долгот на државата речиси двојно се зголемил во последните осум години.

Трошоците на државата, пак, по основ на камата за десет години се зголемиле повеќе од двојно. Сега Македонија плаќа 110 милиони евра за камати, а во 2006 година по тој основ се излевале 51 милион евра.

„Понатамошните задолжувања треба да бидат исклучиво во продуктивни цели“, вели Благица Петрески, од „Фајнанс тинк“. “Растот на платите на јавната администрација, пензиите и социјалните трансфери да се усогласи најмногу со номиналниот раст на економијата. Тоа ќе остави простор за капитални инвестиции и ќе ја зголеми одржливоста на долгот“, оценува Петрески.

Анализата покажува дека одржливоста на државниот долг се движи во границата меѓу 41% и 48,7% од БДП, а границата на јавниот долг се проценува помеѓу 51% и 59,2% од БДП.

Слични содржини