Кардиналот Винко Пуљиќ ќе ја предводи понтификалната света миса во Скопје, која ќе се одржи утре на плоштадот Македонија, а е крунскиот настан од „Деновите на Мајка Тереза“, пренесува „Дојче веле“.
Скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, пред неколку недели соопшти дека папата Франциск на 24 август го именувал сараевскиот надбискуп, кардиналот Винко Пуљиќ, за негов специјален пратеник кој ќе ја предводи понтификалната света миса во Скопје.
Се очекува утре на плоштадот Македонија да се соберат голем број на гости, верници и граѓани. Најавени се и високи претставници на Католичката црква и на другите верски заедници, бројни домашни и странски делегации и гости, во чест на светата Мајка Тереза.
На централниот настан во „рамките на Татковинската прослава по повод канонизацијата на Мајка Тереза’, кој почнува утре во 10 часот, обраќање ќе има и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, соопштија денеска од неговиот кабинет.
Папата Франциск на 4 септември пред стотици илјади граѓани и верници на плоштадот Свети Петар во Ватикан ја прогласи Мајка Тереза за светица.