В понеделник почнува кампањата за локалните избори 2017

од desk2

Привршуваат подготовките за шестите локални избори во Македонија, a откако се одлучија за кандидатите, политичките партии конечно свртени кон програмата го мобилизираат членството за што поубедлив настап пред електоратот.
Далеку помирна атмосфера во и околу Државната изборна комисија, во однос на онаа од пред безмалку 10 месеци.

Избирачкиот список овој пат не е тема за дискусија, што би требало да значи дека е прочистен и веродостоен. Портпаролот на ДИК, Љупка Гугучевска, истакна дека подготовките за изборите одат согласно однапред изготвениот план на активности.

На гласачкото ливче во дел од општините ќе има две Алијанси на Албанците со идентично лого, откако тужбата на партијата на Зијадин Села против решението на ДИК беше отфрлена како неоснована од управните судии. Нивните колеги од Уставниот суд пак, ќе решеваат дали локалните власти се надлежни да одлучуваат за населување мигранти во нивните општини. За референдумите расправаше и ДИК, иако јасно е дека ќе нема дополнително изјаснување на дел од граѓаните на 15-ти октомври, откако Државниот инспекторат за локална самоуправа одлучи да ги запре решенијата на советите во 12 општини.

Инаку, на почетокот на петочната седница, членовите на ДИК ја избраа Емрира Асани Салија од БЕСА за нов член, на местото на Бедредин Ибраими од ДПА.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски ќе врши мониторинг на изборното медиумско претставување, во согласност со одредбите од Изборниот законик што се применуваат за време на изборната кампања. Во овој период од изборниот процес, радиодифузерите ќе треба да ги почитуваат обврските за известување на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма, а на учесниците во кампањата да им овозможат подеднакви услови за пристап. Известувањето за редовните активности на државните органи и институции, органите на општините и на градот Скопје, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект. За периодот на изборната кампања Агенцијата ќе објави по два поединечни извештаи.

Слични содржини