Вајгл: Иванов е способен да си ја увиди грешката, тоа го докажа и со амнестијата

од Vladimir Zorba
 

Известувачот во Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Иво Вајгл смета дека потегот на Ѓорге Иванов е во спротивност со интересите на државата.

– Мислам дека неочекуваната одлука на Иванов може да значи продолжување на кризата и заострување на ситуацијата. Се надевам дека по одговорот кој сака да го добие од партиите кои се договараат и нивното објаснување тој сепак ќе го даде мандатот на партијата која легитимно има право врз основа на резултатот од изборите и доказите кој ги приложи дека има мнозинство во парламентот – изјави Иво Вајгл за Нова ТВ.

Тој се надева дека Иванов ќе ја увиди грешката и дека сепак ќе донесе одлука која е во согласност со македонските државни интереси.

– Претседателот Иванов веќе докажа дека е способен да ја увиди грешката кога ќе згреши. Така беше и со амнестијата која неочекувано ја објави. Мислам дека и овој пат станува збор за ситуација во која треба трезвено да размисли и да донесе правилна одлука. Очекувам дека Иванов по оваа изјава ќе увиди што е во интерес на Македонија. Европските институции ставија јасно до знаење, а исто го направи и НАТО, дека на Македонија и треба што поскоро ефикасна влада – вели тој.

Вајгл е загрижен поради употребата на реторика која, како што вели, е заснована на меѓуетнички конфликт.

Слични содржини