– Пратениците во Европскиот парламент Иво Вајлг, Едвард Кукан и Ричард Ховит, попладнево испратија заедничко соопштение во кое објавија дека в понеделник (30 март) во зградата на Европарламентот во Брисел ќе се одржи состанок на претставници на македонските партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, со цел надминување на политичката криза во Република Македонија.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во кусото соопштение на тројката европратеници, од кои Вајгл е известувач за Македонија во Европарламентот, но и претставник на Алијансата на европските либерал-демократи (АЛДЕ), Кукан е од Европската народна партија (ЕПП), а Ховит од Европските социјалисти и демократи (СиД), експлицитно се наведува дека овој дијалог ќе се одвива зад затворени врати.

– Членовите на Европскиот парламент, Ричард Ховит (СиД, Велика Британија), Едвард Кукан (ЕПП, Словачка) и Иво Вајгл (Алде, Словенија) ќе го олеснуваат дијалогот меѓу претставниците на македонските политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во понеделник, на 30 март 2015 година, во просториите на Европарламентот во Брисел. Оваа средба ќе се одржи зад затворени врати, се наведува во соопштението на Вајгл, Кукан и Ховит.

Иако од канцелариите на европратениците не сакаат да даваат дополнителни информации за тоа кој ќе ги претставува владејачката и најголемата опозициска партија од Македонија на овој дијалог, ниту за темите, можните предлози за решенија и други детали од претстојниот состанок, веќе е познато кој ќе дојде од Македонија. Имено, СДСМ ќе го претставува неговата потпретседателка Радмила Шекеринска, додека од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде актуелниот министер за надворешни работи, Никола Попоски.

Според она што беше најавено и на овонеделниот семинар за политичка култура во Европарламентот, на кој присуствуваше Шекеринска и двајца други пратеници од редовите на СДСМ, како и Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, европратениците не се очекува да понудат решение, туку тоа се очекува од Шекеринска и Попоски, а Вајгл, Кукан и Ховит ќе се обидат да го олеснат дијалогот и да ги најдат заедничките точки за можен договор. Очекувањата од Брисел се враќање на СДСМ во македонското Собрание и ставање крај на политичката криза што ја оддалечува Македонија од евроинтеграциите, преку институционална и политичка разврска на случајот “Пуч” и преку формирање на собраниска Анкетна комисија.

Покрај тројката европратеници и претставниците на двете најголеми македонски политички партии, како набљудувачи на понеделничкиот дијалог во Брисел се очекува да присуствуваат и по еден претставник на Генералниот директорат за проширување и соседска политика и на кабинетот на комесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан. Тоа се очекува да бидат Дејвид Кулен, кој е одговорен за досието “Македонија” во Генералниот директора за проширување и Катарина Грау од кабинетот на Хан, која исто така е одговорна за нашата земја.

Од кабинетот на еврокомесарот Хан, денеска за МИА посочија дека никој од Европската комисија нема да има никаква олеснителна улога во понеделничкиот дијалог во Брисел и посочија дека ниту пред, ниту по состанокот не би сакале да даваат никакви коментари. Нивните надежи се дека дијалогот ќе успее.

В понеделник, дијалогот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се очекува да трае повеќе часови, за што е издвоен и термин од пет до седум часа во Европарламентот (од 11:00 до максимум 18:00 часот). Доколку тој не успее, се најавува одржување на нов, кој би се случил по велигденските празници, во втората половина на идниот месец, со место на одржување во Скопје или повторно во Брисел./МИА

Слични содржини