Вашингтон ја осуди „деструктивната политика“ на Русија на Балканот

од Vladimir Zorba

  Американскиот помошник државен секретар за Европа и Азија Вес Мичел предупреди денеска од Приштина за „деструктивната улога“ на Русија на Балканот и ја обвини Москва дека ги „поткопува“ демократските институции во регионот.

– Гледаме дека Русија игра се подеструктивна улога во голем дел од Балканот, како дава дезинформации, поткопувајќи ги демократските институции, изјави Мичел.

– Им кажавме јасно на Русите дека тоа не е во нивни интерес ниту во интерес на луѓето во регионот, изјави американскиот дипломат пред новинари по средбата со косовскиот претседател Хашим Тачи.

Изјавата ја даде по помалку од три недели по посетата на Белград на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој го обвини Западот дека создава тензии во регионот.

Инаку, Мичел изрази задоволство што првата посета на регионот ја почнува од Приштина.

– Косово има добри односи со САД и тие ќе се продлабочуваат. САД се залагаат за демократско Косово. Би сакал да ви кажам дека следната година ќе имаме поактивна улога, истакна Мичел. Тој високо ги оцени достигнувањата на Косово за десет години независност, побара поголем ангажман во дијалогот со Србија и ја нагласи потребата од ратификација на договорот за демаркација на границата со Црна Гора.

Тој потенцираше дека никој не може да има вето на трансформацијата на Безбедносните сили на Косово во оружени сили и оти неговата земја ќе продолжи да ја поддржува таа трансформација.

Косовскиот претседател Хашим  Тачи средба ја оцени како пријателска и конструктивна.

– Се обврзав Косово активно и одговорно да работи на консолидација на државата. САД беа и останаа стратешки партнер на Косово, потенцираше Тачи.

Вес Мичел е денеска во Приштина во рамки на посета на балкански држави, која ќе трае до 17 март при што ќе ги посети Скопје, Белград, Атина и Никозија.

Слични содржини