Велика Британија се закани дека ќе ја напушти ЕУ без преговори

од desk3

Лондон се закани дека нема да толерира “премногу големи финансиски претензии” од Брисел. Велика Британија може да ја напушти ЕУ без преговори, ако останатите 27 земји од заедницата не се откажат од “премногу големи финансиски претензии”, се закани британскиот министер Дејвид Дејвис, одговорен за Брекзит.
Тој беше категоричен дека Лондон ќе одбие да води разговори, ако Брисел продолжува да инсистира Британците да ја платат цената на “развод”, која според првичните пресметки изнесува околу 100 милијарди  евра. Високи извори од ЕУ велат дека Британците ќе треба да платат 60 милијарди евра, обврски кон буџетот и програмите на Унијата. Во “Фајненшл тајмс” прогнозираат дека износот може да достигне 100 милијарди евра. Според министерот Дејвид Дејвис, сепак и 1 милијарди евра се “премногу пари” за владата во Лондон.

Британскиот премиер Тереза Меј постојано вели дека при пресметување на износот за Брекзит “треба да се земат предвид и парите кои веќе сме ги платиле во минатото”. Во текот на викендот таа изјави за медиумите на Островот дека Брисел треба да и отплати на Лондон “милијарди фунти” за акциите на земјата во Европската инвестициска банка (ЕИБ). Според владини извори уделот на Велика Британија во банката се проценува на околу 10 милијарди евра.

Меј е категорична дека Лондон има финансиски права, кои треба да се земат предвид нерешено со обврските за време на преговорите за излегувањето на земјата од ЕУ. “Многу се зборува за тоа какви обврски треба да има Велика Британија или за тоа какви можат да бидат нашите права, имајќи ги предвид парите кои се платени во минатото. Јасно велиме дека ќе ги проценуваме и правата и обврските”, изјави британскиот премиер.

Тереза Меј исто така, истакна дека Велика Британија учествува заедно со ЕУ во неколку големи финансиски и инвестициски проекти. Поради тоа, земјата има право на удел во “крајна сметка”. “Има инвестициска банка, има инвестициски фонд, има и други области. Како што знаете, тоа ќе биде важен дел од преговорите”, истакна британскиот премиер.

Слични содржини