Весковски: Со зделките на Јакимовски земјиште купено за 11.000 е продадено за 600.000 евра

од Vladimir Zorba

Душко Весковски, носител на кандидатската листа за советници на Општина Карпош, со документи денеска презентираше како е отуѓено градежно земјиште, во сопственост на Република Македонија, а претставувано од градоначалникот Стевчо Јакимовски, со непосредна спогодба, склучена на 29.01.2016 година во Скопје.

– Имено, градежното земјиште со вкупна површина од 1.533м2 е продадено за 671.454 денари (речиси 11 илјади евра) на друштвото за производство, трговија и услуги ГРОМ ПРОМЕТ ДОЕЛ. Го прашуваме Јакимовски, како отуѓил државно земјиште за багателна цена слично како неговиот коалициски партнер Груевски?

Само 2 месеци подоцна по оттуѓувањето, истото земјиште заедно со легализираните објекти застапувано од ГРОМ ПРОМЕТ ДООЕЛ е продадено на фирмата Друштво за градежништво, инженеринг производство и трговија на големо и мало ДАБАР ДООЕЛ по цена од 36.900.000 денари или 600 илјади евра.

Прашуваме како е можно земјиште во еден од најатрактивните делови во Карпош (непосредно до ресторанот „Имес“) да биде отуѓено за скоро 11 илјади евра, а само 2 месеци подоцна истото земјиште заедно со неколку легализирани објекти да биде продадено за 600 илјади евра?

Ги повикуваме надлежните органи сериозно да пристапат кон овој случај и оваа сомнителна зделка! Одговорност мора да има – порача Весковски.

Тој рече дека гласот за Стевчо Јакимовски е глас за продолжување на криминалот во Карпош и побара на 15 октомври да се стави крај на, како што рече, расипничкото и неодговорно владеење во општината!

Слични содржини