Весникот „Велт“: Веројатно е во јуни Македонија и Албанија да почнат преговори со ЕУ

од desk2

Веројатно е ЕУ-земјите во јуни со Македонија и Албанија да почнат разговори за приклучување, пишува весникот „Велт“ кој објави делови од Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, која ќе биде претставена утре, пишува Дојче веле.

Европската Комисија има намера да го забрза приклучувањето на балканските држави кон ЕУ. До 2025 година Србија и Црна Гора „би требало да се подготвени за членство“, се вели во Стратегијата на ЕК, пишува „Велт“. Според весникот, Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово би требало да добијат перспектива за членство. „Велт“ потсетува дека перспективата за членство на балканските земји им е отворена уште во 2003 година, на самитот во Солун, но досега се приклучи само Хрватска. „Македонија е кандидат за членство од 2005 година, но преговори не се отворени до денес. Меѓутоа, веројатно е ЕУ-земјите во јуни со Македонија и Албанија да почнат разговори за приклучување“, пишува весникот.

Стратегијата под наслов „Веродостојна перспектива за проширување за државите од Западен Балкан“ утре во Стразбур би требало да биде претставена од страна на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

„Членството на државите од Западен Балкан во ЕУ е од политички, безбедносно-политички и економски интерес на Унијата“, оценува Комисијата во својата Стратегија. Претходно, меѓутоа, шесте земји мора да спроведат обемни реформи и да го забрзаат темпото на реформи. ЕУ притоа нуди своја поддршка, пишува „Велт“.

Обемни реформи бара и Давид Мекалистер, шеф на Комисијата за надворешна политика на Европскиот Парламент. Тој денеска за весниците од Медиумската група Функе оценува дека датумот кој ЕК го наведува како можен термин за пристапување на Србија и Црна Гора, всушност претставува „индикативен“, незадолжителен термин кој треба да ја конкретизира пристапната перспектива и да му пружи на пристапниот процес нова динамика.

„Конкретниот термин на приклучување на една нова членка ќе зависи исклучиво од тоа кога земјата ќе ги исплони строгите правни, политички и економски предуслови“, вели Мекалистер./DW

Слични содржини