(ВИДЕО) 360˚ Интервју со Столтенберг: Самитот во јули е одлична можност за покана за Македонија, но името мора да се реши

од desk2

Ви го пренесуваме интервјуто на „360 Степени“ со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг:

Г-дине генерален секретар, денеска повторивте дека вратите на НАТО остануваат отоврени и дека има простор за знамиња на нови земји-членки пред седиштето на Алијансата во Брисел. Постои ли временска рамка за зачленување на Македонија во НАТО?

Не постои специфична временска рамка, но она што сега го гледаме е нов моментум, нова посветеност за да се најде решение што би и овозможило на вашата земја да се зачлени во НАТО. Гледаме нов моментум за прашањето за името, гледаме посветеност за имплементирање на реформите и гледаме дека ги подобрувате односите со вашите соседи – задоволни сме од договорот за пријателство потпишан со Бугарија. Сето ова создаде повеќе оптимизам во однос на можноста оваа земја да се приклучи на НАТО.

Може ли Самитот на НАТО во јули да го сметаме за временска одредница (краен рок) за праќање покана за членство на Македонија?

Не би го нарекол краен рок туку одлична можност од аспект на тоа дека сега гледаме обновени напори за решавање на прашањето за името преку преговорите што почнаа во Њујорк под медијаторство на посредникот на ОН, но и од аспект на признанието на НАТО-сојузниците дека правите вистински напредок во реформите, во владеењето на правото, во слободата на медиумите, во борбата против корупцијата – сето тоа создаде нови можности, нов моментум што треба да се обидеме да го искористиме и да се обезбедиме дека ќе доведе до вистински решенија за прашањето за членство.

Да кажеме дека утре ќе се постигне решение за името, дали меѓу сите земји-членки постои конзенсус дека во тој случај Македонија треба да добие покана за членство веќе на наредниот состанок на Северноатлантскиот совет?

НАТО-сојузниците неколупати ја повторија одлуката од 2008 дека се согласуваме да ја поканиме оваа држава да стане членка на Алијансата кога и ако има решение за прашањето за името во рамките на ОН. Таа одлука важи. Истовремено, има голем фокус на реформите зашто НАТО е базиран на суштински вредности како владеење на правото, демократија, индивидуални слободи и тие вредности секако дека се значајни за секоја земја што размислува да и се приклучи на Алијансата. Но, да повторам, импресионирани сме од посветеноста, од напредокот што го правите и го поздравуваме силниот ентузијазам и движечката сила што ја гледаме во оваа земја за да напредува на патот кон членство и НАТО ве поддржува во тие напори.

Денеска употребивте позитивен речник за внатрешните состојби во земјата во последниот период. Дали навистина гледате напредок или тоа е само реторика од страна на владата?

Не, навистина гледаме напредок. Пред една година сведочевме на длабока политичка криза, видовме насилство во парламентот и тоа сите не шокираше, сите сојузници, сите во Алијансата, во сите престолнини беа шокирани од сликите од парламентот. Оттогаш успеавте да се стабилизирате, успеавте да ја решите политичката криза и гледаме напредок и во реформите и во подобрувањето на односите и обезбедувањето добрососедски односи со вашите соседи. Оттука ја поздравуваме ратификацијата на договорот за пријателство со Бугарија. Ова е реално, ова е суштина и секако НАТО е тука да ве охрабрува да продолжите и затоа ве поздравуваме кога правите напредок.

Дали од вашите македонски соговорници слушнавте првични реакци за последниот предлог на Нимиц за името?

За тоа се дискутираше на состаноците со премиерот, министерот за надворешни работи, министерката за одбрана, со сите лидери со кои се сретнав, исто така бев во парламентот, имав обраќање и се сретнав и со опозицијата. Но, би било погрешно ако јас навлезам во објаснување на конкретните предлози, рамката и модалитетите за решение зашто ова прашање не треба НАТО да го решава, туку треба вие да го решите во рамките на процесот на ОН.

Во говорот во Собранието пративте порака до опозицијата, што слушавте од новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ за нивното идно учество во процесите? Партијата ја бојкотира работата на парламентот зашто 6 нејзини пратеници се во притвор поради учество во настаните од 27-ми април минатата година.

Мислам дека лидерот на опозицијата може сам за себе да зборува, јас не можам да бидам негов портпарол. Мојот впечаток беше дека партијата е заинтересирана да биде дел од процесот, да биде консултирана за прашањето за името. Тој го отвори прашањето за шестемина пратеници кои се во притвор. Не е работа на НАТО да навлегува во такви специфични прашања, зашто не можеме да седиме во Брисел и да решаваме такви прашања и да решиме на чија страна сме. Јас и се обраќам на целата оваа земја, на целиот политички спектрум. Го поздравувам тоа што можев да се сретнам со владата, со разни министри, но и фактот што можев да му се обратам на парламентот и побарав состаноци и со опозицијата за да ја акцентирам пораката дека НАТО е тука, соработува со сите страни и со сиот политички спектрум на државата. Нашата грижа и нашиот фокус не е само на конкретните настани, туку и на потребата за воспоставување институции, владеење на правото, проверки и контроли кои ќе обезбедат доколку правото е повредено, тогаш одговорните да бидат процесуирани на соодветен начин во согласност со владеењето на правото.

Може ли засиленото руско присуство на Балканот да биде поттикнувач за забрзано зачленување на Македонија во НАТО или пак пречка на тој пат?

Мојата порака е дека Русија нема никакво право, мандат да се обиде да се вмеша во домашните процеси. Дали една држава ќе реши да му се приклучи на НАТО или не зависи од неа самата, никој друг нема право да се вмешува во таков процес. Тоа беше пораката на НАТО до сите земји-аспирантки. Ние ги почитуваме земјите, ако некоја реши да не се зачлени… Имаме одлични односи со неутрални држави во Европа како Шведска, Финска, Австрија, Швајцарија. Исто така, имаме многу добри партнерски односи со Србија. Ова се земји кои од разни причини решиле да не аплицираат за членство во НАТО и тоа целосно го почитуваме. Но, исто така, целосно почитуваме кога суверени држави, врз основа на демократски одлуки, како оваа земја, решиле да аплицираат за членство, тогаш седнуваме, ја разгледуваме можноста за членство и никој друг освен земјата-апликантка и 29-те сојузници нема право да решава за прашањето за членство. Видовме некои извештаи за руски обиди за мешање во процеси, во домашната политика во овој регион, на пример во Црна Гора каде имаше извештаи за руско вмешување и тоа ја потенцира важноста на зголемување на отпорноста и избегнувањето таков тип на вмешување.

Дали гледате ризик за стабилноста на регионот по последните настани на Косово и дали се тие дополнителен аргумент за што е можно побрзо зачленување на Македонија во НАТО?

Јас сум за тоа вашата држава да се поддржи што е можно повеќе на патот кон евроатлантските интеграции, вклучувајќи ја и поддршката за членство во НАТО. Јас тоа го поддржувам уште од 2008 година кога учествував на НАТО-Самитот. Во НАТО има широка поддршка за вашите напори и тоа постојано го повторуваме, имаме партнерска програма, има НАТО-присуство во Скопје, ви помагаме во реформите, ве поддржуваме на разни начини за да ви овозможиме да и се приклучите на Алијансата, но како што се нотира од 2008, што се речиси 10 години, прашањето за името мора да се реши. Тоа е главната пречка.

Извор: 360 Степени

Слични содржини