(Видео) Додик исцртува нова карта на Балканот

од desk2

Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави во интервју за Дојче веле дека референдумот за отцепување на српскиот ентитет од Босна и Херцеговина во моментов не е на дневен ред, но дека очекува создавање услови во кои тој би бил возможен.


„Ние не сме авантуристи како што многумина нѐ претставуваат. Не сме ни затупени националисти. Јас разбирам дека за остварување на таквите елементи мора да се создаде политичка рамка и политичка ситуација, да се направи доволен квантум на пракса во опкружувањето и во Европа, и нормално да биде тоа барем делумно прифатено нешто“, кажа Додик во разговорот кој денес беше објавен на страниците на Дојче веле, со напомена дека станува збор за интервју снимено во октомври.

Додик кажа дека „работи на создавање таква политичка ситуација“, која ја смета за предуслов за патот на РС кон независност. Тој потврди дека во овој момент отцепувањето на Српска не е на дневен ред на ниедно тело на власта во тој ентитет иако е јасно дека за тоа се размислува.

Додик не пропушти БиХ уште еднаш да ја означи како „пропадната држава“ во која Србите не ја гледаат својата иднина па затоа таа не може да опстане. Тоа го смета за основа за своите „соништа“ за независност на Република Српска.

„Да имам еден промил шанса, јас тоа (референдумот за независност) би го одржал“, кажа Додик.

Коментирајќи ги предупредувањата дека тоа би предизвикало војна, вклучувајќи ги и таквите најави на бошњачкиот член на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ, Додик кажа дека со сила би одговорил на таквите обиди.

„Ние тука (во РС) имаме полиција која е побројна и поспремна и помотивирана. Второ, секоја интервенција во РС од Сараево дефинитивно би го зајакнала нашиот наратив. Ова не е Шпанија“, изјави Додик.

Тој на крајот на разговорот нацрта карта на Балканот, каков што тој го гледа во иднина – Република Српска и Србија се обединети, а Косово е поделено при што северот ѝ припаѓа на Србија. Цртежот на Додик можете да го видите во 32 минута од видеото.

Слични содржини