Внатрешната контрола на МВР треба да отвори постапка за да утврди кој наредил употреби на ЕБР во студентските избори, но и кој од единицата за брзо распоредување направил проценка да прати борни коли и водени топови за да се решат вербални препирки, оценува поранешниот началник во МВР Љубомир Ѓурчевски. Тој смета дека требало да се употреби единицата за јавен ред и мир во скопската полиција која е обучена со минимална употреба на сила да разреши ситуации какви што имаше пред Студентскиот парламент, пренесува Телма.

policija-studenti_0_01-670x380

-Единицата за јавен ред и мир има специфична обука за примена на членовите 34 и 35 од Законот за полиција со што се предвидува минимална употреба на сила за одржување на јавен ред и мир. Основното начело во полициското работење треба да претставува хуманиот однос кон граѓаните, а не манифестација на сила односно примена на енормна сила која е спротивна на Законот за полиција. Во конкретниот случај со студентските избори Вие да манифестирате таква сила и да изнесете такви средства за присилба- пораката е многу јасна и едноставна. Значи ние владееме со сила и немаме намера да се откажеме, изјави Љубомир Ѓурчевски, поранешен началник во МВР.

Протести пред СПУКМ- ЕБР не ја испратија

Полицајци имаше и вчера на протестите пред студентскиот парламент но не беа од ЕБР. Врвот на МВР и скопската полиција ја сменија бојата на униформата на терен, и вчера полицајци во сино и без водени топови се наредија и го обезбедуваа протестот на Студентскиот пленум поради како што сметаат нелегалните студентски избори.

-На Правниот факултет бев цел ден и видов дека гласале само десетина односно толку ливчиња имаше внатре во кутијата. И После кажуваат дека вкупно на целите избори имало 6 илјади гласови. Многу чудно, вели еден студент.

-Се трудат да инсталираат строго селектирана група за лидери на студентите, кои всушност немаат таква улога и не ги претставуваат студентите, рече студентка на протестот.

И професори и студенти своите говори по најновите случувања на Универзитетот во кои беше вклучена и специјална полиција повикуваа сите да застанат во одбрана на правото и на автономијата на универзитетот Свети Кирил и Методи.

-Очекуваме ректоратот, деканите и професорите јасно и гласно да се одважат против насилството на слободната мисла во академската заедница. Да се одважат против нелегалните и нелегитимните студентски избори, порача еден од говорниците на платото пред споменикот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.

Полиција на кампусот не влезе, иако ја следеш протестната поворка од студентскиот парламент. Немаа други активности како претходниот ден на изборите.

Новиот студентски лидер смета дека немало потреба од полиција

Новоизбраниот претседател на СПУКМ Давор Поповски за Телма телефонски изјави дека лично смета дека не биле потребни полицајци за завршување на изборниот процес. На прашањето дали ќе бара одговор од МВР за употребата на ЕБР ни изјави дека по неговото официјално назначување ќе размисли и најверојатно ќе упати такво барање за одговор.

Дали ЕБР е политичка полиција, размислуваат ли дали вршат кривични дела со слепо извршување наредби

ЕБР дојде со сета своја опрема, а според Ѓурчевски тоа се случило поради тоа што се почесто полициските службеници се злоупотребуваат за политички и партиски цели.

-Поголемиот дел од Единицата за брзо распоредување во последните 4-5 години ја претворија во партиска војска која што при спроведување на наредбите воопшто не оценува, односно нивниот старешински кадар не оценува дали спроведувањето и  извршувањето нa таа наредба претставува кривично дело, изјави Ѓурчевски за Телма.

МВР вчера попладнево соопшти дека биле повикани од СПУКМ за заштита на гласачките кутии, а ЕБР излегла на терен затоа што претставниците во зградата на студентскиот праламент трипати пријавиле светење со ласери од непознати лица и закани дека доколку излезат ќе бидат бојадисани. Целта на акцијата била да се спречи нарушување на јавен ред и мир од поголеми размери.

Слични содржини