ВИДЕО: Студентите учат од најмалку 15 учебници со дискриминаторска содржина

од desk2

Децата на разведени родители се криминогена категорија. Хомосексуалните врски се паразитски. Наркоманите се несреќни и барајќи го рајот ги отвораат вратите од пеколот. Ваква и слична дискриминаторска содржина има во дел од учебниците од кои учат студентите во Македонија. Дел од оние студенти кои утре треба да лекуваат зависници или да имаат контакт со лица заразени од ХИВ во учебниците читаат дека овие групи се изопачен дел од општеството, пренесува Телма.

„Хомосексуалците се третираат како перверзни како болни. Тоа е пример за дискриминација кон ЛГБТ лицата. Исто така луѓето кои употребуваат дроги се навредуваат од учебниците. Примерите се бројни и она што е страшно тие се употребуваат на факултети како сицијална работа, политика, психологија односно што учат студенти кои треба да работат со овие луѓе“, вели Драгана Дрндаревска – Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Според професорот Фрчкоски, во комисиите за ревизија на учебниците мора да се вклучат луѓе од граѓанскиот сектор и од медиумите односно да не се остави се во рацете на авторите.

„Професорите треба да сфатат дека се повиновни од другите кога дискриминираат и се обврзани да знаат повеќе за таа приказна од другите“, вели Љубомир Фрчкоски, професор на Правен факултет

Професорот Беким Кадриу смета дека ова е судир меѓу слободата на научната мисла и независноста на универзитетите со правата на одредени заедници.

„Слободата на изразување носи со себе и обврски и одговорности во правец да се заштитат правата на други поединци, да се заштити еднаквоста и недискриминацијата“, вели Беким Кадриу, професор на Правен Факултет на Универзитетот во Тетово.

Од Коалицијата за Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници велат дека дел од авторите на учебници не сакаат да ја сменат спорната содржина.

„Имаме соработувано и ги имаме искористено Комисијата за заштита од дискриминација и Народниот правобранител како механизми кои ни помогнале да отстраниме содржина од некои учебници. Сепак, се уште постојат учебници за кои имаме позитивно мислење, но универзитетите и авторите одбиваат да ги повлечат“, вели Драгана Дрндаревска – Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“

Засега нема проценка колку ќе ја чини државата повлекувањето на спорните учебници и печатењето на нови без навредливата содржина.

Слични содржини