(ВИДЕО) Ултиматум до Катар и 10 услови, Путин и Ердоган се замешаа

од Vladimir Zorba

Меѓу условите е и прекинување на дипломатските односи со Иран.

Саудиска Арабија му постави на Катар 10 услови кои емиратот треба да ги исполни во наредните 24 часа.
Според телевизијата “Скај њуз – Арабија”, повикувајќи се на дипломатски извори, ултиматумот е предаден на емирот на Кувајт, кој вчера се состана со претставници на Ријад во саудискиот град Џеда, обидувајќи се да постигне дипломатско решение на кризата.

Меѓу условите се прекинување на дипломатските односи со Иран и протерувањето на сите членови на исламските групи Муслимански браќа и Хамас, поддржани од Техеран, како и замрзнување на нивните сметки во Катарските банки. Освен тоа Саудиска Арабија инсистира на итна промена на уредувачката политика на катарската телевизија “Ал Џезира” и промена на нејзиното раководство.

Во меѓувреме, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека изолацијата на Катар, вклучувајќи санкции нема да помогне за обновување на односите со Египет и Саудиска Арабија.

За време на вчерашниот ифтар за светиот муслимански месец Рамазан во Истанбул, тој рече дека Турција вложува напори за решавање на кризата.

“Изолацијата на Катар не го решава проблемот. Ние правиме и ќе правиме се што е во наша моќ за решавање на оваа криза “, истакна Ердоган.

Рускиот претседател Владимир Путин, пак, разговараше по телефон со емирот на Катар Тамим бин Хамад Ал Тани за ситуацијата и ја потврди позицијата на Москва во корист на решавањео на кризата преку дијалог.

Од прес-службата на Кремљ посочија дека биле разгледани прашања поврзани со руско-катарската соработка, пред се во трговско-економската сфера и инвестициите. Исто така била “погодена и меѓународната проблематика”.

Во понеделникот Саудиска Арабија, Египет, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Јемен, привремената влада на Либија, Република Малдиви и Маурициус најавија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Катар, поради поддршката на Доха за тероризмот. Беа преземени и серија други мерки, вклучувајќи престанок на морскиот и воздушниот сообраќај, запирање на банкарски операции, протерување на катарски дипломати и граѓани, затворање на канцелариите на катарски телевизии. Катар ги одреди овие дејствија како неоправдани, а обвиненијата против емиратот, за неосновани.

Слични содржини