(ВИДЕО ВО ЖИВО): По прогласувањето на независност Каталонците се на улиците на Барселона – Мадрид ја укина одлуката, го враќа владеењето на правото

од desk4

Каталонскиот парламент денеска прогласи независност од Шпанија, а веднаш потоа шпанскиот Сенат ја укина автономијата на Каталонија и одобри воведување директна управа во тој регион.

Членовите на каталонскиот парламент ја донесоа одлуката на тајно гласање, кое го бојкотираа пратениците на опозицијата.

Парламентот гласаше за покренување конститутивен процес за одвојување од Шпанија, со 70 гласови „за“, 10 „против“, а двајца се воздржаа од гласање. 

Голем број граѓани кои се собраа пред зградата на Парламентот во Барселона со овации ја поздравија таа одлука. 

Само неколку минути откако каталонските власти прогласија независност на областа од Шпанија, Сенатот во Мадрид и одобри на Владата на шпанскиот премиер Маријано Рахој да воспостави директна контрола врз Каталонија.

За укинувањата на овластувањата на каталонските власти, 214 членови на шпанскиот Сенат гласаа „за“, 47 беа „против“, додека еден член беше воздржан.

Сега се очекува Рахој да да го повика кабинетот со цел да се усвојат првите мерки за власт над Каталонија. Мерките предвидуваат распуштање на Владата во Барселона и преземање директна контрола врз полициските сили во Каталонија.

Според Одлуката на Сенатот во Мадрид, ниту владата во Барселона веќе нема извршна надлежност во Каталонија. 

По гласањето во каталонскиот Парламент, со кое областа прогласи независност од Шпанија, шпанскиот премиер Маријано Рахој повика на смиреност.

– Барам сите Шпанци да останат смирени. Владеењето на правото ќе ја обнови законитоста во Каталонија, наведе Рахој на неговиот Твитер налог, само неколку минути откако Каталонија прогласи независност.

Шпанскиот Сенат утрово во 10 часот започна седница на која се расправаше за смена на Владата на Каталонија, откако регионот на 1 октомври одржа референдум за независност.

– Доколку се усвојат мерките, прв чекор на шпанската Влада ќе биде смена на Карлес Пуџдемон, изјави шпанскиот премиер Маријано Рахој за време на рсправата пред Сенатот.

Рахој нагласи дека „тоа што се случува во Каталонија претсатвува јасно кршење на законите, демократијата, правата на сите и тоа ќе има последици… Донесоа антидемократска одлука со која е прекршен законот и нормалното однесување во која било демократска држава“.

Тој додаде дека специјалните овластувања на Мадрид не значат одземање на слободата на Каталонците, туку нивна заштита.

На референдумот за независност во Каталонија, одржан на 1 октомври годинава, 90 отсто од гласачите се изјаснија за независност.

Од вкупно 2,26 милиони луѓе, за независност гласаа 2.02 милиони.

На референдумското изјаснување учествуваа околу 42,3 отсто од вкупниот број гласачи

Слични содржини