Сите прашања и одговори на лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешната прес-конференција:

Медиуми: Колку е регуларна одлуката на Државната изборна комисија којашто е со изминат мандат и согласно на тоа кога вие ќе ги одредите новите членови на ДИК од вашата партија за да може побрзо да работи новиот состав на ДИК?

Заев: Прво, членовите од нашата партија веќе се одредени и соопштени до Комисијата за избор и именување и постапката треба денес да се одвива според сите наши информации. Законското одлучување на ДИК по правото на вето е поврзано со новиот состав и новите надлежности на ДИК. Со изминат мандат, донесување на одлука од страна ДИК, за нас значи потенцијално кривично дело. Правните тимови од СДСМ веќе работат на тоа и ќе утврдиме дали е направено кривично дело од страна на ДИК.

Медиуми: Дали ќе преземете дополнителни механизми?

Заев: Сите правни механизми што ни стојат на располагање ќе ги превземеме, но добро знаат и банките дека ни постојат и други политички механизми што ќе ги превземеме. Се бориме да имаме фер и регуларни демократски избори во Македонија. Секое едно евро над износот којшто доспева е пари за изборни манипулации. Граѓаните добро се сеќаваат дека ова дежаву ни се повторува наназад неколку изборни циклуси.

Медиуми: Имате ли конкретни докази или сознанија на коишто го темелите вашите ставови дека овие средства ќе бидат искористени за изборни манипулации?

Заев: Слушнавте и од Вистината за Македонија како Ставревски зборува за 200 милиони евра кој ќе ги пушти директно во фирмите што значи индиректно купување на гласови. Динамиката на плаќање од државата мора да продолжи да биде со исти тренд,  заради државотворната потреба и ние нема да дозволиме оваа динамика да се намали, но секое зголемување на динамиката на исплати значи исклучиво изборна корупција, индиректно или директно од страна на власта.

Медиуми: Господине Заев, дали ќе го поддржите предлогот на Питер ван Хауте за регулирање на медиумската сфера, знаејќи дека медиумите повторно сметаат дека се работи за обид за партизација, преку одлуката со новиот закон, претставниците во советите да се избираат со преговори на  партиите во Собранието?

Заев: Се што е поврзано со изборите ќе добивате директни информации од клубот на пратеници. Како се одвиваат новите настани, така ќе ги добивате и новите настани од наша страна. Вчера имаше изјава, денес ќе има повторно изјава и ќе бидете навремено информирани. СДСМ и опозицијата се борат за независни медиуми во Македонија. И малите деца знаат од кој е зависноста на медиумите – од извршната власт. Продолжуваме во борбата да го исполниме овој важен критериум без којшто нема фер и регуларни демократски избори. Очекуваме да има договор за медиумите, за да може до крајот на годината да го видиме видливиот ефект, затоа што ако тоа не се случи ќе бидат доведени фер, регуларноста и демократскиот начин на организирање на изборите.

Медиуми: Дали би прифатиле било кој европски закон, закон од земјите членки на Европската Унија да биде применет во Македониј и дали во насока на она што го говорите за независни и слободни медиуми нема да ги нарекувате медиумите ваши најголеми политички непријатели

Заев: Во моментот став на СДСМ и мој личен став е дека најголем политички непријател за нас како опозиција се медиумите како што се Сител, Канал 5, Алфа ТВ, Дневник, и МРТ. Вие сте медиуми коишто меѓу другото се финансирате и од пари на граѓаните, тоа се мои пари и ваши пари и на опозиционери и на поддржувачи на власта. Се бориме за независни медиуми и секоја меѓународна пракса која што може да најде примена во Македонија, а ќе биде во функција на независни медиуми за нас е прифатлива.

Медиуми: Господине Заев законот за заштита на приватноста стапи на сила на 10 Ноември, денеска сме 1 Декември измина законскиот рок од 20 дена за предавање на материјалите, постојано потврдувате дека поседувате материјали. Кога ќе ги предадете на Катица Јанева?

Заев: Писмото од наша страна за подготвеност на материјалите неколку дена пред истекување на рокот е доставено до СЈО и денеска го очекуваме одговорот од СЈО заради тоа што согласно законот како што стои во насловот вели заштита на приватноста. Мора да бидат обезбедени соодветни услови колку што сме информирани од СЈО за да се чуват тие материјали зошто се  во најголем процент од доверлива приватна природа на граѓаните. Значи ние законскиот основ го исполнивме.

Медиуми: Во законот не пишува писмо, пишува да се предадат материјалите ?

Заев: Кога ќе обезбеди државата дополнителни услови за чување на тие материјали како што е обврска по законот најверојатно ќе биде побарано од нас и да ги доставиме материјалите. Ние сме подготвени во секој момент штом ќе биде побарано од нас да ги доставиме материјалите. Затоа на неколку дена пред истекување на рокот го доставивме ова писмо во кое што стои ноторна потврдена одговорност на СДСМ да ги достави сите материјали кои ги поседува.

Медиуми: Господине Заев во Љубљана рековте дека настанот во Куманово е дело на ИСИС, а претходно рековте дека тоа е монтиран процес од страна на владата, поточно Никола Груевски и неговите соработници Гордана Јанкуловска и Сашо Мијалков. Што ве натера да го смените ова мислење, дали стоите уште на мислењето?

Заев: Воопшто мислењето не е променето. Стојам на зборовите кои што се кажани од мене и од многу други опозиционери. Постојат силни индикации дека е монтирано сценарио од страна на власта. Ако новите информации потврдиле дека неколку луѓе имат свое минато со присуство во Сирија тоа не значи дека Заев го сменил својот став. Секако постојат силни индикации дека ова што се случи во Куманово е монтирано од страна на власта и има поврзаност со власта. Впрочем беа објавени разговори во кои што припадници на агенцијата за разузнавање разговараат со дел од тие луѓе кои што беа таму во Куманово, а исто така и господинот Ахмети рече дека негов прв соработник пред да се случат настаните во Куманово ги испратил во Косово да разговараат со тие луѓе. Се надевам дека истрагата ќе го открие комплетно целото сценарио за тоа што се случувало во Куманово.

Медиуми: Не ве разбрав сега, се работи за дело на ИСИС или за монтиран случај?

Заев: Монтиран случај од страна на власта, а луѓето кои биле таму, дел од нив имаат минато во Сирија.

Медиуми: Неколку пати рековте дека ке превземете други мерки за да го спречите финансирањето на изборите со овие 100 милиони евра од евро обврзницата, кои се тие други мерки? Ги повикавте банките да не учествуваат, дали тоа значи дека досега банките учествувале во финансирање на изборите, незаконско ?

Заев: Сегашното финансирање над дозволениот лимит кој е од 61 милион евра доспеани обврски по државни хартии од вредност, се до 100 милиони е разлика од 39 милиони евра, каде што власта не кажува за кои намени би се трошеле. Апсолутно тоа значи дека овие пари ќе одат за директно или индиректно корумпирање на гласачите. Останатите мерки кои ни стојат на располагање ќе ги примениме согласно следните чекори кои што ќе се превземат од финансиските институции во Република Македонија. Овде се вклучуват секако и пензиските фондови кои што потенцијално можат да купуваат државни хартии од вредност од нивна страна за финансирање на оваа разлика во долгот и изборни манипулации.

Слични содржини