Денеска сум во Кочани, поручек покасно заминувам за Штип. Целта е да се видам со граѓаните на неформални средби по парковите, по градските плоштади, по местата каде што се движи нашиот народ. Да пренесеме информации од прва рака, очекувањата на опозицијата, но и многу што да слушнеме од граѓаните, Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Z.Zaev_-685x320

Оваа недела ја посветивме на младите и пред се разговараме со младите и перспективите за младите луѓе, денешниот ден ќе биде исполнет со теми за младински политики. Но, дозволете овде од Кочани, да дадам свој коментар за најновите настани во делот на случувањето со одлуките на Уставниот суд на Република Македонија.

Само да потсетам дека Изборните грабежи, поклопеното судството и партизираните институции беа главните причини за политичката криза во Македонија.

Со одлуката на Уставниот суд Никола Груевски многу видливо и јасно ја призна вината на своите најблиски соработници за изборните измами.

Одлука на Уставниот суд се носи со намера да се заштити Никола Груевски и луѓето околу него за сторените изборни измами. Одлуката на Уставниот суд истовремено охрабрува нови изборни измами и нови изборни грабежи. Зарем некој мисли дека ова треба да дозволиме вака да остане?

Највисоки претставници на партијата на власт се веќе осомничени за злостроничко здружување, за изборна измама. Тоа е потврдено и од Специјалното јавно обвинителство со покренатите постапки.

Очигледно врвот на ВМРО-ДПМНЕ многу добро знае за што се покренати постапките и какви се доказите кои ги поседува Специјалното јавно обвинителство.

Никола Груевски се плаши од правдата, се плаши од вистината и очигледно се плаши и од одговорноста. Бегање од одговорност не смее да има и нема да има.

СДСМ и граѓаните нема да дозволат на ваков начин ниту да се штити изборен криминал ниту да се превенира нечија намера за повторен изборен грабеж. Во ова време, вакви одлуки се срам за државата и ќе има непоправливи последици.

Во Македонија ќе има слободни, фер и демократски избори, со прочистен избирачки список и реформи за слободни медиуми.

Секој што го прекршил законот ќе одговара.
Сите наши информации укажуваат дека Државната изборна комисија, која е независен орган ќе стигне на време да го прочисти Избирачкиот список, а тоа е 15-ти април, кога се затвора Избирачкиот список и се става на јавен увид. Граѓаните го користат своето право, политичките партии го користат своето право за увид во Избирачкиот список. 10 дена пред изборите тоа е 25 мај се заклучува Избирачкиот список и се става на гласање. Очекуваме дека нема да излезат некои непознати, нерешливи проблеми за Државната изборна комисија за навремено да се заврши таа постапка, а истовремено очекуваме дека во многу скоро време ќе има и регулација на медиумите. СДСМ  е подготвен за победа, на 5-ти јуни промените во Македонија конечно да се случат.

Вести о

Слични содржини