13199101_1295386073824225_1309883085_o-860x680 (1)

Демонстрантите вечерва во Скопје протестот го завршија мирно пред Владата, врз која фрлаа боја и ја обоија во боите на „Шарената револуција“.

Претходно граѓаните ја обоија и зградата во која е сместена Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Активистите на „Протестирам“ со балони полни со боја фрлаа кон ДКСК во знак на револт, бидејќи, како што рекоа, таа е глува и нема за институциите корумпирани од власта.

Претходно тие поставија „нов споменик“ – машина за перење пари – која симболично ги претставува испраните и украдените пари од страна на власта од 2006 до 2016 година. На неа пишува „Переме пари 24/7, Влада на Република Македонија, 2006-2016“.


Пред да се упатат кон зградата на ДКСК, демонстрантите беа пред Собранието каде што говореше поранешниот претседател на Антикорупциска комисија, Драган Малиновски, кој рече дека корупцијата во Македонија создала свој систем и дека државата сега е заробена од режимот што го усовршила тој систем.

– Тој систем треба да се брендира како ефикасен систем за владеење на еден тоталитарен режим. Режимот е жилав и има инсталирано пипци во секоја клетка на државата. ДКСК остана глува, слепа и нема пред големиот број корупциски скандали – изјави Малиновски.

Пред Собранието говореше и Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис“, кој рече дека институциите се киднапирани за да му служат на партискиот врв.

– Корупција е кога треба некого да знаете за да добиете услуга во здравство, образование или, пак, на шалтер. Каде беа од ДКСК кога слушавме за корупциските скандали на власта од „бомбите“? Тие молчеа – додаде Поповиќ.

Новинарката Сашка Цветковска на сатиричен начин, преку измислените ликови, владетелот Ники, неговиот братучед Таше и бизнисменот Тамчев, го објасни процесот на перење државни пари.

Пред Собранието беа пуштени и дел од „бомбите“ што лани ги објави лидерот на опозицијата, Зоран Заев, а во кои, според тогашните негови тврдења, се слуша како државни функционери земале мито.
Протестот почна пред Специјалното јавно обвинителство, каде на граѓаните им беа поделени шарени балони на кои беа закачени фотографии од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но и на други лица аболирани од претседателот Ѓорге Иванов. Балоните беа пуштени да летнат пред Собранието.

Протести вечерва се оддржаа и во Штип, Велес и во Гевгелија, каде што старата општинска зграда наместо со боја беше „накитена“ со балони./извор Мета

Слични содржини