Изложбата „Зигот“ е симболичен наслов на самостојната изложба на уметницата Ана Димчевска, која на еден храбар начин успева да го наметне прашањето за родителите и нивниот однос кон децата. Од друга страна ангажираниот пристап не ги исклучува  дилемите околу зачнувањето и одлуката за имање деца, која се крши со концептот за „успешен“ современ човек.

 

Ana-2

 

Интервју со уметницата Ана Димчевска пред престојната изложба „Зигот“

 

Иложбата „Зигот“ низ 40 дела во минијатура го отсликува сакралното кое се крши во современиот свет. Вие сте млада уметница, а вашиот критички став на некој начин ги превоспитува родителите. Мислите ли дека овој минималистички естетски пристап, ќе ја испрати пораката?

-Самите дела не укажуваат на експлицитна порака упатена до родителите, туку  низ естетска призма ја носат дилемата за создавањето на децата како интегрален дел од развојот на општеството. И покрај тоа што не сум родител, во секојдневниот живот низ социјалните мрежи сум сведок на експлоатација на децата од страна на родителите. Сметам дека на секое дете треба да му се овозможи зачувување на приватноста и да биде поштедено од „амбициозните“ идеали и желби на возрасните.

 

 Работите во акварел и темпера, зошто го избравте овој израз ако земеме во предвид дека сте графичарка?

-Цртежот е појдовен израз на секој ликовен уметник. Овие дела може понатаму ќе бидат и графики. Но, самата графика како форма бара повеќе време и услови за изработка.

 

 Очигледно е дека формата зазема поголема улога, отколку перспективата. Сметам дека во некој делови тоа сте го надополниле со врамувањето. Зошто?

– Цртежот и идејата за самиот приказ е надополнет со врамувањето и осветлувањето на делата, кои ќе имате можност да ги видете на отворањето на изложбата, вечерва во Куршумли Ан.

 

Што после „Зигот“?

– Имам замислено неколку проекти, но за тоа треба време и средства. Веќе работам на две идни изложби, но секогаш не зависи од уметниците кога ќе ги реализираат. Се надевам дека ќе успеам да добијам подршка од институциите надлежни за тоа.

 

 Каква е иднината на младите уметници во Македонија?            

– Искрено по сите случувања успевам да најдам мала светла точка, но сепак сметам дека треба многу заложби за да се подобрат условите за работа на уметниците. Реално, недостасуваат финасии и алтернативен изложбен простор.

Вероника Камчевска

Слични содржини