Амнестијата, како што соопштија денеска од Владата, ќе ги опфати и осудените лица кои до денот на влегувањето во сила законот не почнале со издржување на затворската казна, а имаат конечна и правосилна пресуда. Од издржување на казната целосно ќе бидат ослободени лицата и осудени за дела кои на денот на влегувањето во сила на овој закон повеќе не претставуваат кривични дела.

Според предложениот текст, амнестија не е предвидена за осудените за убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, за силување, педофилија, посредување во вршење проституција, потоа за кривични дела против државата, за злосторничко здружување, како и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право.

Законот за амнестија, како што истакнал министерот за правда, Биљен Саљији, е израз на добра волја на државата кон одредена група на правосилно осудени лица, со цел за нивна ресоцијализација и за растоварување на затворите од прекумерниот број на лица кои издржуваат казна во нив.

Законот ќе се носи во редовна постапка, е времен и ќе се однесува на точно определени временски одредници./Мета