Владата потроши една милијарда евра на субвенции, а увозот на храна е удвоен!

од Vladimir Zorba

Актуелната политичка гарнитура предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по преземањето на власта во 2006 година, драстично ги зголеми средствата за неусловена финансиска поддршка на доходот на земјоделските стопанства, која бележи постојан пораст од година во година, во периодот до 2016 година. Па, проекциите на земјоделските субвенции од 20 милиони евра во 2006 година, достигнаа 140 милиони евра во последните години.

zemjodel

Меѓутоа, овие суми всушност претставуваат планирани, но не и реализирани средства. Ако се анализираат буџетите и завршните сметки, како и програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, станува јасно дека речиси секоја година има потфрлување во реализацијата, па голем дел од обврските се префрлуваат за следните години, кога од сумата предвидена за субвенции, практично се издвојуваат средства за покривање и на заостанати обврски и нови долгови.

На тој начин, средствата што се истураат за развој на земјоделството реално се во многу помал износ во одредена година, бидејќи голем дел одат за крпење на дупките од претходните години, но и за покривање други неразвојни цели, како обесштетување од поплави. Притоа, симптоматична е и исплатата на оние средства што се исплаќаат, со оглед дека Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, преку која се извршуваат плаќањата, одбива барања на многумина земјоделци, кои потоа паднале на Управниот суд.

Но, покрај судските пресуди со кои се поништуваат решенијата на Платежната агенција, и Државниот завод за ревизија констатирал дека постојат сомнежи оти Агенцијата исплаќала субвенции на ризичен и сомнителен начин, без притоа да врши засилени контроли на терен за да ја утврди фактичката состојба, наспроти податоците декларирани во барањата на корисниците на овие средства.

Сето тоа ги поткрепува обвинувањата, главно на опозицијата, но и од дел од стручната јавност, дека субвенциите не се мерка за стимулирање на земјоделството, туку за влијание и поткуп на земјоделците, кои важат за бројна категорија од 200.000 граѓани, колку што има регистрирано земјоделски стопанства. Причина повеќе како поткрепа на таквиот заклучок се негативните резултати во неколку клучни параметри поврзани со гранките што се субвенционираат – производството на храна се намалува, а увозот се зголемува.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ постојано говорат колку средства намениле за земјоделството, па во таа насока велат во последните 10 години, заклучно до 2015 година, издвоиле 1 милијарда и 55 милиони евра, со тоа што сумите дополнително ќе се зголемуваат во следните години. Наспроти тоа, од опозицијата предводена од СДСМ возвраќаат дека толку средства можеби биле предвидени, меѓутоа со ребаланси на буџетот и со измена на програмите преку кои се субвенционира земјоделството, оваа сума се крати, така што во последните 5 години на земјоделците им биле скратени 140 милиони евра, или цел еден земјоделски буџет.

Инаку, само со ребалансот на буџетот, од оваа година се кратат нови средства од субвенциите, бидејќи првичниот буџет на платежната агенција од 140 милиони евра се намалува за 15 милиони евра. Имено, овој буџет паѓа на 125,5 милиони евра, главно како производ на намалувањето на финансиската поддршка за земјоделството и на руралниот развој од 137 милиони 480 илјади и 500 денари на 122,4 милиони евра, но и поради намалувањето од неколку десетици илјади евра на административните трошоци на Агенцијата, за плати, репрезентација и слично.

ИНТЕНЗИВНА ПРЕДИЗБОРНА ИСПЛАТА

Од Агенцијата побаравме податоци колку точно средства исплатила по формирањето во 2007 година, како независна институција во рамките на државната управа, согласно програмите за поддршка во земјоделството, и како таа се одвивала низ годините? Но, од таму не доставија прецизна бројка на исплатени субвенции по години, туку единствено соопштија дека вкупната сума на исплатени средства за периодот од 2008 до 2015 година е во согласност со тоа што го предвидуваат програмите и се движи во рамките на расположливите средства по мерки и програми кои се алоцираат секоја година.

„Во ниту една година не е надминат расположливиот износ од причина што сумите што се предвидени по мерки претставуваат проекции, односно претпоставени износи кои може да се искористат во зависност од заинтересираноста на барателите што се утврдени како корисници“, велат од агенцијата, од каде што нагласуваат дека предвидените проекции не се надминати, но не кажуваат дали и за колку има потфрлување.

Сепак, податоци за соодносот на предвидени и исплатени средства може да се лоцираат во Националната стратегија за земјоделството и руралниот развој за периодот 2014-2020 година, донесена од владата на крајот на 2014 година, каде што е опфатен периодот до 2013 година. По овој основ, во периодот од 2008 заклучно со 2013 година, предвидено било да се исплатат 595 милиони евра за субвенции, но за сите 6 години, процентот на реализација бил 82 отсто. Тоа значи дека се исплатиле 489 милиони евра, односно 105 милиони евра останале нереализирани средства, или обврски што се префрлувале од година во година.

Во оваа владина стратегија, која изнесува податоци обезбедени токму од Агенцијата, стои дека во 2008 и во 2009 година, кога земјоделските субвенции биле предвидени во износ од 45 милиони, односно 70 милиони евра, нема потфрлување во реализацијата. Арно ама, како што се зголемуваат предвидените средства, така опаѓа и процентот на реализација, па во 2010 година биле предвидени 100 милиони, а исплатени 93 милиони евра (93 проценти), во 2011 година биле предвидени 115 милиони, а исплатени 94 милиони евра (81 отсто), во 2012 предвидени биле 130 милиони, а исплатени 88 милиони евра (69 проценти), додека во 2013 година биле предвидени 135 милиони, а реализирани 99 милиони (73 отсто).

Според тоа, во периодот од 2010 до 2013 година биле исплатени 106 милиони евра помалку, со процент на реализација на исплата од 79 отсто. Како што може да се види, најмал процент на реализација од само 69 отсто имало во 2012 година, која, случајно или не, беше една од ретките години кога не се одржуваа избори. Колку за споредба, во претходната 2011 година, кога се одржуваа предвремените парламентарни избори, процентот на реализација на исплатата бил 81 отсто. Во наредната 2013 година, пак, кога се спроведуваа редовните локални избори, исплатата достигна 82 проценти, при што дури 48 милиони евра, или над 50 отсто од севкупно исплатените субвенции во годината, се исплатија два дена пред изборниот молк.

– Не е целта субвенциите да се исплаќаат редовно и наменски, туку за да се купат гласачи, да се купи гласот на земјоделците. Тие и самите се свесни дека субвенциите не ги подобруваат условите во земјоделството, бидејќи не им овозможуваат развој, средување на состојбата со коритата на реките, пасиштата за добиток и слично, туку само еднократна парична помош најчесто непосредно пред избори, која може да ја користат за што сакаат. Може да одат на одмор, може да реновираат куќа, да исплаќаат кредит за стан… – вели Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Во тој контекст, и Светска банка во својот извештај објавен годинава нотира дека „исплатата на субвенции е нестабилна, но секогаш се интензивирала пред избори“. Дополнително, во извештајот се препорачува намалување на севкупното ниво на субвенции во земјоделството, насочување поголем дел од субвенциите во насока на јавни стоки кои ја зголемуваат продуктивноста и подобрување на насочувањето на субвенциите за поддршка на приходите кон земјоделците кои навистина имаат потреба од таква поддршка.

„Најголем дел од финансирањето оди за поддршка на приходите, а само мал дел се инвестира. Големите земјоделски стопанства сѐ уште добиваат непропорционално висок дел од субвенциите. Во одредени потсектори, каков што е тутунот, субвенциите сега покриваат значителен дел од трошоците за производство, што ја нарушува мотивираноста за инвестирање“, се вели во извештајот.

ЕМ СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ, ЕМ ОБЕСШТЕТУВАЊЕ

Увидот во програмите за субвенционирање на земјоделството и руралниот развој открива дека од 2009 година наваму, по усвојувањето на законите кои овозможија рокот на исплата на овие средства од 31 декември тековната година да се помести на 31 јуни следната година, една третина од вкупните средства за субвенционирање, или околу 55 милиони евра годишно, се наменуваат за покривање заостанати обврски од претходните години.

„За Програмата за финансиска поддршка на земјоделството, согласно Законот за земјоделство и рурален развој, рокот за исплата на средствата е крајот на јуни во тековната година за барања поднесени во претходната година. Ваквата динамика на исплата е резултат на контролите, административни и на терен. За инвестициските програми – Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој и Програмата за рибарство и аквакултура, нормално е да се пренесуваат обврски од причина што самата реализација на проектите трае подолго“, објаснуваат од Агенцијата.

Така, за да се обезбедат средства за покривање на заостанатите обврски, се кратат средства кои првично биле предвидени за земјоделски развој во тековната година, пред се за растително и за сточарско производство. Но, во текот на годините, преку измени на Програмата за финансиска поддршка на земјоделството, од овие и од други ставки се извлекуваат дополнителни средства кои одат за покривање и на новопризнаени долгови. На пример, такви се одлуките за откуп на тутун и за обесштетување од поплави, иако претходно државата издвоила средства за субвенционирање на производството на оваа култура и на премија за осигурување на земјоделските посеви, што се толкува како двојна буџетска интервенција.

– На почетокот, владата субвенционираше според површина на земјоделско земјиште и грло добиток, но подоцна реши тоа да го прави и по килограм од произведена количина. На тој начин, почна вештачки да интервенира на пазарот во корист на откупувачите, кои на земјоделците им плаќаат помалку од она што изнесуваат субвенциите за конкретен производ. Така е со тутунот, чие производство владата го субвенционира, но не го откупува, тоа е работа на откупувачите. Истото важи и со средствата за обештетување од поплави, имајќи ги предвид премисиите за осигурување, што претставува повеќе помош, награда или поткуп отколку мерка во интерес на земјоделството – истакнува агроекономистот Борис Анакиев, кој е пензиониран професор од Земјоделскиот факултет.

Во прилог на тоа, со измена на Програмата за директни плаќања за поддршка на земјоделството за 2014 година, се кратат 748.000 евра од развојниот дел за тековната година за да се наменат за дополнителна помош за продаден неплатен тутун во периодот од 15 декември 2013 до 15 март 2014 година. Базата на исплатените субвенции за 2014 година, изготвена од истражувачката мрежа БИРН, покажува дека оваа година се исплатиле над 27 милиони евра за поддршка на произведен и продаден ориентален, ароматичен и полуориентален суров тутун, што го прави најсубвенционирана мерка.

Со измена на Програмата за директни плаќања за 2015 година, пак, се извлекуваат 10 милиони евра од повеќе места за да се обезбедат за помош и за дополнителна помош од загуби од природни незгоди и климатски непогоди. Истата година биле предвидени субвенции во износ од 325.000 евра за премии и осигурување, кои на земјоделците им биле ставени на располагање за да ги осигураат посевите на земјоделското земјиште, па штетите би паднале на товар на осигурителните компании, а биле предвидени и дополнителни 32.500 евра за заштита на земјоделското земјиште. И покрај тоа, владата потоа од средствата за субвенции скратува за да обезбеди пари за обесштетување на поплави.

РИЗИЧНИ И СОМНИТЕЛНИ ИСПЛАТИ БЕЗ КОНТРОЛА?

И Државниот завод за ревизија, кој неодамна објави извештај за финансиското работење на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој во 2014 година, констатираше дека во многу сегменти постои ризик дека исплатата на субвенциите не се спроведува согласно законот и процедурата, дека се евидентирани грешки и пропусти при самата пресметка на висината на директните плаќања во земјоделството, недостиг од интерни контроли во процесот на доделување финансиска поддршка, но и недоволни контроли на терен.

Поточно, ревизорите посочиле оти проверените 7,5 отсто од барањата можеби го задоволуваат законскиот минимум од 5 отсто, но, сепак, тие не се доволни, со оглед дека кај една третина од барањата утврдени се неправилности и спречени се ненаменски трошења во 2013 и во 2014 година во вкупен износ од 169.000 денари. Притоа, ревизорите нагласуваат дека од овој аспект особено проблематична била исплатата на скоро 3 милиони евра согласно Програмата за рурален развој, во рамките на мерката за чистење канали, без претходно Агенцијата да ја изврши неопходната контрола на терен.

„Од Агенцијата е извршена исплата на овие средства без притоа да биде спроведена контрола на самото место и доставен записник од страна на овластени контролори со цел утврдување на фактичката состојба на самото место, споредено со состојбата наведена во барањето за исплата и доставената документација. По овој основ, исплатени се 177.183.000 денари без да се почитува Законот за основање на Агенцијата, кои се однесуваат на контрола пред исплата на средствата што може да има ефект исплата на средства за проекти каде што фактичката состојба на терен не соодветствува со состојбата наведена во документите за исплата“, се наведува во ревизорскиот извештај.

Оваа мерка за чистење одводни и доводни канали во посочената 2014 година ја спроведува Министерството за земјоделство, преку кое одеше постапката за ангажирање компании по пат на јавна набавка. Според Бирото за јавни набавки, тендерот беше поделен на 8 дела, од кои 4 ги доби компанијата „Силекс неметали“, која за околу половина милион евра имала обврска да ги исчисти каналите на системите за одводнување Скопско Поле, Пелагонија-битолски дел, Брегалница и ХМС Зубовце-Јачинце-Шупли Камен. Поради овој тендер, СДСМ поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против министерот Цветков за судир на интереси, бидејќи во времето на потпишување на договорот тој членувал во Одборот на директори на АД „Силекс,“ која е фирма-мајка на „Силекс неметали“.

Министерот Цветков се бранеше дека тендерот го добиле компании кои доставиле најповолни понуди и затоа тој не чувствува никаква одговорност. Покрај „Силекс Неметали“, другите делови од овој тендер ги добиле компаниите „Жикол“, „Стентон“ и „Прогрес“. Од таму беа недостапни за коментар, но министерот за земјоделство уверуваше дека наместо Платежната агенција, Министерството формирало комисија која утврдила дека ангажираните компании во целост ги исполниле преземените обврски. Но, со тоа не се согласува опозицијата, која смета дека со овие средства власта корумпира блиски компании, кои, според социјалдемократите, не испорачале никаква услуга.

– ДЗР ги контактираше и ги потврди сите незаконитости и неправилности во работењето на институциите во оваа област, особено во однос на случаите што ги отворивме и документиравме како во делот на злоупотребите при доделувањето на земјоделското земјиште и на субвенциите. Токму за вакви случаи поднесовме кривични пријави, а една од нив е за случајот за чистење на каналите во 2014 година. Исто така, покренавме кривична постапка и за случај во кој стотици илјади евра субвенции се исплатени во еден ден на правно лице на основа на барање потпишано од лице кое ниту е сопственик ниту управител на правното лице, но е сопруга на градоначалник од власта. Зборувавме со примери како луѓе блиски на ВМРО, пратеници, функционери и раководители добивале државно земјоделско земјиште и огромни субвенции – вели Љупчо Николовски, дополнителен заменик-министер за земјоделство од редовите на СДСМ во преодната влада.

РЕШЕНИЈАТА НА АГЕНЦИЈАТА ПАЃААТ НА СУД

Платежната Агенција годишно издава околу 150.000 поединечни решенија за финансиска поддршка, но дека постои селективен пристап во исплатата на овие буџетски средства говори тоа што не е мал ниту бројот на одбиени барања. Како што покажуваат правосилните судски пресуди со кои располагаме, Агенцијата одбивала барања за користење на земјоделци, главно со образложение дека пријавиле поинакви податоци од тоа што покажувала фактичката состојба. Меѓутоа, многумина од земјоделците правдата ја побарале и ја добиле на Управниот суд, кој ги поништил решенијата на Агенцијата и ги вратил предметите на повторно одлучување со насоки и сугестии како да не се повторат грешките и пропустите.

– За разлика од оние земјоделци кои не се со партиите на власт, нив им се наоѓаат грешки при апликациите или без никакво објаснување се одбивани. Исплатата на земјоделските субвенции е всушност своевидна мистерија во државата. Кој, колку и кога добива субвенции знаеја само тројца луѓе. „Календарот на исплата“ зависи кој колку одработил за партијата, колку земјоделци уценил и заплашил, дали треба да се награди некој раководител на подрачна единица или друг функционер во МЗШВ – смета поранешната пратеничка Ленче Николовска, која беше претседателка на собраниската Комисија за земјоделство.

Еден од оние што го оспорил решението на Агенцијата е Сезаир Дурак од селото Коџаџик, Центар Жупа, чие барање за исплата на финансиски средства со законска затезна камата за 5 грла говеда и 328 грла овци било одбиено од Агенцијата во 2011 година, со објаснување дека тужителот пријавил 20 отсто повеќе стока отколку што поседувал. Судот пресудил дека не може да се провери дали навистина постојат неправилности и какви се тие, бидејќи не бил приложен извештај од надлежниот инспекторат за земјоделство од извршеното утврдување на фактичката состојба.

Друг ваков случај е поврзан со охриѓанецот Иван Тасески, чии барања за финансиска поддршка за одржување на постоечки насади со јаболка во вкупна површина од 7.621 квадратен метар со 550 садници, за поддршка за пченица за површина од 2.610 квадратни метри и за одржување постоечки лозови насади на 2.231 квадратен метар било одбиено во 2011 година во целост.

Агенцијата проценила оти барателот не изнел целосни податоци и воедно не го исполнува условот за прифатлив број садници по хектар. И покрај тоа што Тасевски во барањето навел дека јаболковиот насад е во подрачје со отежнати услови на производство, Судот забележува дека Агенцијата никаде во решението не се произнела во однос на тоа, иако била должна со оглед дека се работи за битен критериум за носење одлука.

– Има такви земјоделци, кои и покрај тоа што ги исполнуваат условите за добивање субвенции, не можат да го искористат своето право. Најчести методи се преку намерни грешки направени од страна на надлежните при самото поднесување на барањето или обработката, како и преку теренските контроли и изготвувањето записници спротивно од затекнатата состојба на терен кај земјоделецот. Овој метод најчесто се користи за да се направи притисок врз земјоделците кои ги гледаат како неподобни, партиски непослушни и да ги дисциплинираат – смета поранешниот заменик-министер за земјоделство, Николовски.

Слична судбина го снашла и Мите Маневски од Кратово, бидејќи Агенцијата ги одбила и неговите барања за финансиска поддршка согласно Програмата во 2013 година за финансиска поддршка за одржување постоечки овошни насади со засадени круши, лешник и ореви на вкупна површина од 105.200 квадратни метри. Неговото барање било одбиено поради неусогласеност и разлика во податоците и поради неподмирени обврски кон Министерството за земјоделство, поради што го Агенцијата го исклучила од можноста да биде корисник на средства и во наредните 3 години.

Маневски во тужбата негирал дека има некаков долг кон Министерството и посочил оти агенцијата го оспорила неговото барање врз основа на решение од 2011 година, кое еднаш веќе било поништено од судот. Врз основа на тоа, судот донел решение дека решението на Агенцијата за Манески е со нејасна и противречна содржина.

Во долгата листа одбиени баратели на субвенции се сретнува и Дармила Коцева од селото Сирково, чие барање за лозов насад било одбиено поради непреземени агротехнички мерки, а во записникот не е наведено за какви агротехнички мерки станува збор. Особено интересни се случаите и на Донча и Илија Спирковски од Ресен, кои не биле внесени во програмата за финансиска поддршка на земјоделството, бидејќи системот за апликации не работел, а кога проработел, бил затворен за внесување податоци?!

Од Агенцијата велат дека поништувањето на управниот акт не значи мериторно одлучување на судот за одредената управна работа или, пак, автоматско донесување поинакво решение односно исплата на средства, туку подразбира повторување на постапката.

„Поништувањето на решението на Управниот суд не значи во секој случај дека Агенцијата не одлучила правилно и законито, туку може да значи и некој формален недостаток во изработката на решението, недоволно образложение во решението или неприложување на сите докази при давање одговор на тужба од страна на Агенцијата“, објаснуваат од таму.

СУБВЕНЦИИТЕ РАСТАТ, ПРОИЗВОДСТВОТО НА ХРАНА ОПАЃА

Колку средствата за субвенционирање на земјоделството се исплаќаат непродуктивно и неефикасно, најдобро покажуваат официјалните податоци за 10-годишниот период од 2006 до 2016 година, според кои се намалува производството на храна, што, пак, резултира со зголемување на увозот на храна. Додека постојано растат средствата што се издвојуваат за субвенционирање на земјоделството, според Државниот завод за статистика, во овој десетгодишен период безмалку е удвоен увозот на храна, а опаѓа бројот на грла живи животни и производството на месо.

Изразено низ бројки, доколку во 2006 година негативниот биланс на релација увоз-извоз на храна и живи животни изнесувал околу 135 милиони евра, во 2015 година се искачил на близу 246 милиони евра. Поточно, ако вкупниот увоз на храна и живи животни во 2006 година изнесувал 288 милиони, во 2015 година скокнал на 551 милион евра, додека извозот во 2006 година бил 153 милиони, а во 2015 година 305 милиони евра.

– Од 600 милиони евра за увоз на храна, околу 100 милиони евра се за производи кои не можеме реално да ги произведеме, како портокали, банани или кафе. Но, 500 милиони евра се одлеваат од државата за увоз на млеко и млечни производи, месо, шеќер, масло за јадење, месо и месни преработки или производи кои можеме да ги произведеме. Дваесет милиони евра даваме за концентрат за сок, а ресенските јаболка и росоманските праски се фрлаат. Од 6.000 хектари засадени под шеќерна репа во 2006 година, сега има нула хектари. Потоа, 20.000 хектари помалку сееме пченица… – вели поранешната пратеничка Николовска.

Во овој период, значително расте увозот на месо и преработки на месо, што од 71 милиони евра во 2006 година скокнува на 122 милиони евра во 2015 година. Од друга страна, се забележува опаѓање кај производството на месо, кое од 27.228 тони во 2007 година паѓа на 21.410 тони во 2015 година. Зголемување има само кај производството на свинско месо, кое во 2006 година изнесувало 8.633 тони, а во 2015 година изнесувало 10.826 тони, но говедското месо паѓа од 7.132 тони во 2006 на 4.875 тони во 2015 година, овчото месо од 7.198 тони на 3.980 тони, а живинското од 3.715 на 1.729 тони. Следствено на тоа, логично е што паѓа и бројот на грла добиток кај сите категории со исклучок на свињите.

Во истиот период опаѓа и вкупното производство на млеко од 438 милиони литри во 2007 година, на 417 милиони литри во 2015 година. Ако во 2006 година се произведувале 373 милиони литри кравјо и 35 милиони литри овчо млеко, во 2015 година се произведувале 361 милиони литри кравјо и 40 милиони литри овчо млеко. Оттука, има пораст од 5 милиони литри кај овчото млеко, но има намалување од 12 милиони литри кај кравјото млеко. Значително намалување има и кај производството на јајца, кои од 321 милиони броја во 2005 година паднале на 203 милиони во 2015 година. Наспроти тоа, се забележува зголемување на увозот на млечните производи и птичните јајца, кои во 2005 година се увезувале за сума од 23 милиони евра, а во 2015 за 45 милиони евра.

– Податоците за потрошените средства и начинот на кој се трошат јасно и недвосмислено говорат дека значителен дел од средствата одат за поткуп на земјоделците. Освен тоа, и владината пропаганда се темели на средствата издвоени за поддршка на земјоделските стопанства, но не и за ефектите што ги предизвикале исплатените средства. Тие и не може да имаат позитивен ефект кога е битно кој колку ќе добие, па затоа субвенционираме неконкурентни и скапи култури, а атрактивните области се запоставуваат – поентира професорот Анакиев.

Зголемување на увозот, а намалување на извозот, како резултат на намаленото домашно производство, се забележуваат и во периодот од 2014 до 2015 година. Во оваа временска отсечка, извозот на храна и живи животни е намален за 41.378 тони, или за 10 милиони евра, што е намалување за 6,9, односно 2,3 отсто. Увозот на храна и живи животни, пак, е зголемен за 93.645 тони, или за 39 милиони евра, што е зголемување за 12,7, односно за 6,9 проценти.

Од Министерството за земјоделство ги игнорираа нашите прашања за оваа тема, меѓу кои круцијалното – колкава е реалната поддршка во земјоделството и колку средствата за субвенционирање се наменуваат и исплаќаат навремено, фер и плански?

Tекстот е објавен на 2 септември 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1091

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Ова истражување е овозможено со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Програмата на УСАИД за антикорупција. Содржината на публикацијата е одговорност на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави

Извор: Фокус

Слични содржини