Владата прави реформски промашувања наместо да спроведува итни реформи

од desk3

Владата нема реформски капацитет, а Македонија се движи во погрешна насока затоа што има предоминантна извршна власт, која влијае на судството и на собранието, е заклучокот од дебатата „Итните реформски промашувања“, организирана од Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија (ФООМ) и од Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

itni-reformski-promasuvanja

Бојан Маричиќ од МЦЕО вели дека по изборите реформската агенда не треба да ѝ биде оставена исклучиво на владата.

– Во извештајот има остар јазик и директно вперување прст кон најодговорните лица, особено кон тие што ја водат државата. Јасно е посочено дека нема политичка волја за спроведување на реформите. Оваа влада нема реформски капацитет и затоа од неа не можеме да очекуваме спроведување на реформските приоритети. Македонија е тргната во погрешна насока затоа што има сериозно нарушена демократска средина, која влијае на иднината на земјата – вели Маричиќ.

Во овој извештај се спомнува заробена држава и заробени институции, а тоа е затоа што има предоминантна власт, која директно влијае на Собранието и на судската власт, смета Уранија Пировска од Хелсиншки комитет.

Според Фани Каранфилова-Пановска од ФООМ, во Македонија има погрешно водење на јавните финансии, процентот на буџетскиот дефицит постојано се зголемува, како и надворешниот долг.

– Следната власт ќе треба да посвети време на тоа како да ги дисциплинира финансиските политики и како да ја мотивира целокупната економска средина – додава Каранфилова-Пановска.

МЦЕО спроведе анкетно истражување „Еврометар 2016“, кое покажува дека 59,3 отсто од анкетираните сметаат дека членството на Македонија во ЕУ би била добра работа, што е намалување од минатата 2015 година, кога тоа го сметале 60 отсто од испитаниците.

На прашањето која е причината за застојот на евроинтеграциите, 37,3 отсто сметаат дека Македонија не може да влезе во ЕУ заради спорот за името, а 36,5 отсто сметаат дека Владата го користи спорот за името со Грција само како изговор за да не ги спроведе реформите.

 

МЕТА

Слични содржини