Владината делегација од Бугарија долета со два хеликоптера во Струмица: Градот светнат и чист – државата побогата за нови договори

од desk4

Светнати улици, ограничен сообраќај и свежо обоена фасада на Домот на АРМ во Струмица, се беше подготвено за пречек на врвот на бугарската политика. До заби вооружени полицајци, кои внимаваа на безбедноста, а хеликоптери цело време го надлетуваа градот. Струмичани никогаш порано немале поважни политички гости во поновата историја на градот, информира ТВ24.

„Да супер е, нека има повеќе случувања такви. Нека идат да гледаат и претседатели и премиери“,

„Прво тоа е голема гордост за нас и за нашиот град, нормално што треба обезбедување“, велат анкетираните граѓани.

Двата државни бугарски хеликоптери точно во 10:30 часот слетаа во градскиот парк. Во првиот беше премиерот Бојко Борисов, а во вториот неговите министри. Едночасовниот лет од Софија бил пријатен сведочи пилотот на хеликоптерот во кој беше премиерот Борисов.

„Убаво е времето и кај нас е убаво. Одлично патувавме. Задоволни беа и останатите. Летот траеше еден час“, вели Васил Иванов – пилот на хеликоптер.

По краткиот пречек Борисов со возило се упати кон манастирот Водоча. Таму го пречека неговиот домаќин премиерот Зоран Заев и струмичкиот владика Наум.

Во меѓувреме, пак, министрите на двете влади се наредија пред споменикот на Борис Трајковски. По половина час чекање, двајцата премиери пристигнаа.

Борисов имаше прилика да ја искористи удобноста на култниот владин Мерцедес во „бомбите“ познат како она на „м“. Откако се поклонија пред паметникот на загинатиот македонски претседател надвор од протоколот ги поздравија граѓаните на Струмица, кои се собраа на влезот од паркот.

Бројни телевизиски екипи од земјава, но и од соседна Бугарија го следеа настанот. Велат дека вакви средби треба да се организираат што почесто за да се зајакне пријателството помеѓу двата народа.

„Соработката со Македонија е многу важна. Не само во односите од историски аспект и да се надминуваат сите граници туку е важно и за бизнисот, размена на производи како и роамингот каде од клучно значење се и за вас и за нас, бидејќи знаеме дека цените на разговорите се многу скапи.

Тоа е она што го прават двата кабинети е од големо значење за целиот регион. Прекрасно гостопримство, прекрасна храна, воопшто во Струмица си поминавме прекрасно“, вели Христијана Стефанова – Телевизија Европа.

Долгата седница и потпишувањето на договорите ги огладнеа двата кабинета, па сите министри на чело со нивните шефови заминаа на ручек. Додека тие ручаа хеликоптерите и понатаму го обезбедуваа небото над нив. Заедничката средба заврши, задоволни си заминаа сите. Двете држави се побогати за девет нови договори. На струмичани пак им останаа чистите улици како спомен за оваа несекојдневна случка во нивниот град.

Слични содржини