ВМРО-ДПМНЕ ја напушти расправата за Зврлевски оти била противзаконска

од Vladimir Zorba

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на претседателот на Собранието, Талат Џафери му достави копија од мислењето на Државната комисија за спречување на корупција, во која се вели дека јавниот обвинител не може да биде разрешен до локалните избори кои треба да се одржат на 15 октомври.

Ова мислење на Државната комисија за спречување на корупција на собраниската говорница го прочита Димовски и притоа една копија му достави на Џафери.

„Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател, пратеници и изборот на Владата согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конститурање на советот на општините и градот Скопје, постои законска пречка да разрешуваат и да се именуваат лица од и во државни и јавни институции, каде надлежност за именување или разрешување има Собранието или други институции кои вршат именувања и разрешувања,“ пишува во мислењето на Државната комисија за спречување на криминал.

Потоа, Димовски кажа дека во тој момент пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе ја напуштат собраниската седница и ќе прекинат да расправаат.

– Пријавени се деветмина за дискусија, но нема да продолжиме со дискусија, со реплики, со процедурални забелешки за да не учествуваме во оваа противзаконска постапка. Се што е противзаконски сега е на хартија, нема да бидеме дел од ова, одговорноста е ваша – изјави Димовски.

Тој додаде дека пратениците ќе учествуваат во расправата на која било друга седница на која ќе се расправа за егзистенцијалните прашања на граѓаните.

Претседателот на Собранието на ова одговори дека Државната комисија за спречување на корупција неовластено се обраќа до Собранието и го прекршува Деловникот за работа.

– Претседателот на Собранието, не се обрати до Државната комисија за спречување на корупција имајќи предвид дека автентичното толкување на одредени закони според Деловникот е надлежност на Собранието. Со кое право, Собранието треба да прими списи, акти, известија од органи до кои не се обратило. Ова писмо што го доставивте, не произведува формално-правни обврски кон мене и кон Собранието кое е највисок законодавен орган и не може да ја попречи работата на Собранието. Претседателот на Собранието не се обрати до оваа Комисија – рече Џафери.

Тој додаде дека не може орган кој е избран од Собранието да биде негов контролор, посебно што незаконски се обраќа кон законодавниот дом.

Џафери се заблагодари на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што на ваков начин ја завршија својата, како што рече, борба за дискусија во која разговарале за се, освен за точката на дневен ред, односно за разрешувањето на јавниот обвинител.

Откако ги прочита пријавените пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за збор, а тие веќе ја имаа напуштено седницата, Џафери ја прекина расправата и рече дека „бидејќи листата за збор е исцрепна, тој ја прекинува работата на седницата и дополнително ќе информира за продолжението на расправата по оваа точка.“

Слични содржини