ВМРО-ДПМНЕ ќе блокира крстосници и ќе протестира пред Министерство за правда

од desk4

Со обвинувања за полициска хунта приврзаниците на опозициската ВМРО ДПМНЕ и денеска го продолжија протестот пред Министерството за правда, информира ТВ24.

Дел од говорниците меѓу кои и Оливер Андонов им порачаа на сопартијците да излезат од своите домови во поголем број и да им дадат поддршка на притворените пратеници и функционери за настаните од 27 април.

„Нема да не исплашат како што нема да ги исплашат и тие кои останаа и вечерва дома. Се надевам дека ќе станат и ќе дојдат утре со нас тука“, вели Оливер Андонов.

Меѓу присутните на протестот и вечерва беше сè уште актуелниот претседател на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот министер за правда Михајло Маневски, но и поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски. И тие дојдоа да ги поддржат своите сопартијци за кои толпата бара слобода.

„Слобода за нашиот бивш министер за внатрешни работи господинот Митко Чавков. Зар господинот Игор Дурловски тоа го заслужува? Зар другите наши уметници, архитекти, граѓани – патриоти, зар нашите вредни пратеници“, вели Нермин Теловска

„Верувам по сите учебници, на сите универзитети за многу скоро особено по политички и правни науки ќе се учи за класичен пример, како една власт во демократски услови може да прерасне за кус период во политичка хунта“, вели Дарко Костовски

Протестот на приврзаниците и симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ трае веќе две недели откако судот одреди притвори за пратеници и поранешни функционери од ВМРО ДПМНЕ поради настаните од 27 април во законодавниот дом. Протестот ќе продолжи и утре пред суд.

Слични содржини