ВМРО-ДПМНЕ не го прослави денот на Демократијата во Собранието

од desk3

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираа прославата – 20 години од усвојувањето на Универзалната декларација за демократија на Интерпарламентарната унија и 10 години од прогласувањето на Меѓународниот ден на демократијата – 15 септември. Дојдоа нивните сопартијци од правиот парламентарен состав,  претставници на дипломатскиот кор и други гости. На  говорите во кои се повикуваше за унапредување на демократијата и на владeење на правото, на претседателот на Собранието Талат Џафери, на премиерот Зоран Заев, на претседателот на првиот состав на Собранието Стојан Андов, и на Ѓулистана Марковска, како претставник на пратениците од првиот состав на Собранието, не присуствуваа пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓународниот ден на демократијата 15 септември се слави од 2007 година насекаде во светот со одлука на Генералното собрание на ОН како ден на кој треба да се подига свеста за принципите на демократијата. Овој датум е одбран оти на 15 септември 1997 година е усвоена Универзалната декларација за демократија на Интерпарламентарната унија.

Премиерот Зоран Заев рече дека ударот врз демократијата бил осетен токму во ова Собрание.

„Од политичката криза Парламентот излезе посилен, затоа што успеа да ги надмине политичките интереси и препознавајќи дека излезот е во почитувањето на заедничките граѓански интереси“, рече Заев.

Во својот говор собрнаискиот спикер  Талат Џафери истакна дека Парламентарното мнозинство има јасно изразена волја да продолжи во развојот на демократијата, владеење на правото и функционирање на правната држава, преку јакнење на улогата на Собранието.

Претседателот на првиот Парламент на независна Македонија Стојан Андов рече дека во првиот состав имале големи караници, бурни седници, но, немало лутење.

„Разликите беа многу големи. При донесување на Уставот на 17 ноември, Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да не гласа за Уставот. Но, кај пратениците не преовлада партиското. Гласаа да не се прелее војната и кај нас, и гласаа за Уставот што беше спротивно од нивната партиска директива“, рече Андов.

Ѓулистана Марковска, како претставник на првиот парламентарен состав од 1990-1994 година ги повика актуелните пратеници  без оглед на тековните политички разлики да ги поддржат и да ги охрабрат напорите на Владата за постигнување на зајакнување на независноста, подобрување на меѓусоседските односи и јакнење на внатрешната стабилност.

Слични содржини